Главниот град на Албанија синоќа беше сцена на вистинска војна меѓу приврзаниците на опозициската Демократска партија и полициските сили.
За време на тричасовниот протест предводен од Сали Бериша, демонстрантите фрлаа молотови коктели врз кабинетот на премиерот Еди Рама, Министерството за внатрешни работи и седиштето на социјалистите.
Билансот од немирите е сериозен – шест полицајци се хоспитализирани со изгореници од пиротехнички средства, додека 14 лица се приведени.
„Ова е неприфатливо насилство врз униформирани лица. Користењето молотови коктели против оние кои го гарантираат редот е кривично дело“, изјави министерот за внатрешни работи, Бесфорт Ламалари, при посетата на повредените во болницата за трауматологија.
Покрај нападите врз институциите, демонстрантите запалија полициско возило и контејнери, а оштетени се и бројни трговски објекти во центарот на градот.
Стотици дополнителни полицајци го обезбедуваа настанот, а некои патишта во Тирана беа блокирани.