Председателката на Косово Вјоса Османи соопшти дека донела декрет за распуштање на Собранието, бидејќи, како што нагласи, политичките претставници „одлучија да ја одведат земјата на избори“.
„Со овој декрет ја исполнувам својата уставна обврска, која е јасно дефинирана… Голема е несреќата што тие (посланиците) не го избраа интересот на Косово“, рече Османи.
Според нејзините зборови, неуспешните обиди претходната ноќ да се избере претседател во Собранието не биле ниту случајни, ниту непромислени.
„Напротив, многу добро пресметани и осмислени, за жал“, додаде Османи.
Таа прецизира дека член 86 од Уставот предвидува дека новиот претседател мора да биде избран најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот на актуелниот претседател, а нејзиниот мандат истекува на 4 април.
„Тоа значи дека 5 март беше уставниот рок Собранието да го избере новиот претседател. Тој рок истече синоќа во полноќ. Значи, овде не станува збор за јавна дебата. Станува збор за јасна уставна факт. Уставот не е напишан за толкувања што ја релативизираат неговата тежина. Напишан е да го гарантира функционирањето на државата, а не одолговлекувањето и дисфункцијата“, истакна Османи.
Претседателката најави дека ќе распише нови избори по консултации со лидерите на политичките партии.
„Граѓаните не сакаа избори, оваа ситуација настана поради неуспехот на Собранието да ја исполни својата уставна должност. Никому не би требало да му се сака уште еден политички циклус, особено во овој момент кога на земјата ѝ е потребна стабилност. Но неодговорни луѓе со опасни намери ја доведоа земјата до оваа точка!“, рече косовската претседателка.
Според неа, одложувањето на процесот би довело до уште поопасна ситуација.
Оваа изјава на Османи доаѓа неколку часа откако истече рокот за избор на нов претседател на Косово. Процесот пропадна поради недостиг на кворум во Собранието.
Кандидати за претседател беа Гљаук Конјуфца и Фатмире Колчаку, предложени од владејачката партија Самоопределение (Vetëvendosje). Поради отсуство на доволен број посланици, седницата беше прекината уште на почетокот.
По неуспехот, претседателката на Собранието Албуллена Хаџиу соопшти дека од Уставниот суд побарала привремено суспендирање на роковите во врска со изборот на нов претседател, со цел да се избегне институционална криза.
Според Уставот на Косово, кандидатот за претседател мора да освои двотретинско мнозинство во првите два круга (најмалку 80 гласови во Собрание од 120 посланици). Во третиот круг доволно е просто мнозинство (најмалку 61 глас), но со задолжителен кворум од 80 присутни посланици.
Ако изборот не успее во три круга, мора да се одржат предвремени парламентарни избори во рок од 45 дена.
Оваа криза доаѓа во контекст на повторени неуспеси во формирањето стабилни институции по претходните избори, со обвинувања од опозицијата (LDK и PDK) дека владејачката партија намерно го избегнува кворумот, додека VV ја обвинува опозицијата за блокада и обид да ја испрати земјата на нови избори.