Спорт

Аргентинецот Фабијани, кој ќе го тренира Вардар од јуни, пристигна во Скопје

Последниот тренерски ангажман на наследникот на Седлоски е до пред пет месеци во Њуелс олд бојс, некогашниот клуб на Меси

Кристијан Фабијани, до пред пет месеци на кормилото на некогашниот клуб на Лионел Меси, Њуелс олд бојс, од Аргентина преку Франкфурт пристигна во Скопје за да го преземе најтрофејниот македонски клуб Вардар од јуни, кога сегашниот тренер Гоце Седлоски ќе ѝ се посвети целосно на фудбалската репрезентација на Македонија.

На својот профил на Инстаграм тој сподели фотографија чекајќи авион за Германија и напиша: „Она што го барав конечно се случи. Сега треба да продолжам да растам. Секој напор има своја награда“.

По стапнувањето на македонска почва, пак, 42-годишпникот исто така на Инстаграм објави фотографија со крстот во скопски Аеродром, со хаштаг #скопје и со државното знаме на Македонија, како потврда дека почнува ново поглавје во својата тренерска кариера со 11-кратниот шампион и лидер во Првата македонска фудбалска лига.

Фабијани во својот последен тренерски ангажман во Росарио на 27 натпревари оствари 8 победи, 10 нерешени и 9 порази во најсилната лига на Аргентина.

Во својот нов тим, пак, тој ќе води тројца сонародници Иан Пулејо, Диего Кастањеда и Хоакин Торес, а ќе има два месеца за да го научи јазикот и да ја запознае новата клупска средина.

Во речиси дведецениската професионална играчка кариера како напаѓач, почната во аргентински Ланус, Фабијани го носел дресот и на Ривер Плејт, има играно и во Чиле, Израел и Романија и на вкупно 343 натпревари постигнал 91 гол.

Тренерската кариера ја започнува во 2021 година во Феникс де Пилар, а потоа има работено во Депортиво Риестра и во Депортиво Мерло, пред да го води некогашниот клуб на Меси.

Најнови вести од: Спорт

To top