Спорт

Цените на билетите за дуелот Ѓоковиќ – Алкараз во Њујорк се надвор од разумот

Цените за полуфиналниот меч меѓу Ѓоковиќ и Алкараз се највисоки во историјата на турнирот

Некои љубители на тенисот нема да можат да присуствуваат на спектаклот меѓу Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз, бидејќи најевтиниот билет за полуфиналето на Отвореното првенство на САД чини повеќе од 1.000 долари.

Дуелот е закажан за вечерната сесија во петок, а нема да започне пред 21 часот по македонско време.

Навивачите реагираат со бес на социјалните мрежи, откако беше објавено дека билетите за дуелот во петочната вечерна сесија на стадионот „Артур Еш“ достигнуваат суми што досега не се видени.

Продавницата за билети ТикПик објави дека најскапиот билет за натпреварот достигнал цена од 23.163 долари. Во насловот на „Есеншели Спортс“ пишува дека цените достигнуваат и до 26.000 долари.

„Цените за полуфиналниот меч меѓу Ѓоковиќ и Алкараз се највисоки во историјата на турнирот“, соопшти „Форбс“.

За споредба, мечот меѓу Јаник Синер и Феликс Оже-Алијасим може да се следи за помалку од 300 долари.

УС Опен годинава се очекува да оствари обрт од 560 милиони долари, а наградниот фонд е зголемен на 90 милиони долари. Ѓоковиќ со пласманот во полуфинале веќе обезбеди најмалку 1,26 милиони долари.

Уште нема реацкија од турнирот на лавината критики за цените, додека јавноста сè повеќе се прашува дали „тенисот станува луксуз наместо спорт за народот“.

Најнови вести од: Спорт

To top