
Денес Градскиот стадион во Штип ќе биде домаќин на ревијален фудбалски натпревар помеѓу ветераните на штипска Брегалница и белградска Црвена Ѕвезда, по повод 100-годишнината од формирањето на ФК Брегалница. Натпреварот, кој ќе започне во 19 часот под рефлектори, привлекува големо внимание поради учеството на плејада познати фудбалски имиња од двете екипи.
Според организаторите, Црвена Ѕвезда потврдила присуство на 20 фудбалери, меѓу кои македонските легенди Дарко Панчев, Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Митко Стојковски и Бошко Ѓуровски, како и поранешните ѕвезди на клубот Владимир Петровиќ-Пижон, Станислав Караси, Куле Аќимовиќ, Здравко Боровница и Зоран Филиповиќ. Се очекува, иако не е официјално потврдено, да присуствуваат и имиња како Милко Ѓуровски, Душан Савиќ и Горан Пандев.
За Брегалница ќе настапат поранешни играчи кои оставиле печат во македонскиот фудбал, вклучувајќи репрезентативци како Љупчо Лазаров, Гордан Здравков, Гоце Алексовски, Мијалче Маџунаров, Баже Петров, Папаров, Милосавов и Ефтимов, предводени од капитените Мите Георгиев и Кире Герасимов. На настанот ќе присуствуваат и штипските фудбалски легенди Стојан и Васил Коцеви, Стојан Шумански и Боро Цеков. Натпреварот најверојатно ќе го суди штипјанецот Ванчо Коцев, кој како сојузен судија во поранешна Југославија често судел натпревари на Црвена Ѕвезда.
– Ова е ревијален натпревар по повод 100 години постоење на ФК Брегалница. Таа е формирана во 1921 година, но во изминатите години не се одбележа големиот јубилеј, па со мало задоцнување и со поддршка на Општина Штип и група штипски бизнисмени кои го сакаат фудбалот конечно ќе се одбележи јубилејот со една ваква спектакуларна фудбалска средба, изјавија Стојан Арсов и Никола Штериев, тренерите на Брегалница, кои поради повреди нема да играат.
Натпреварот потсетува на историската посета на Њујорк Иглс во Штип во 1978 година, кога гостуваа фудбалски легенди како Еузебио и Бразилецот Еду. Овој спектакл, збогатен со целодневна програма, награди и дружење, се очекува да биде спортски настан број еден во градот, со влезници по промотивна цена од 150 денари