
На прес-конференцијата по поразот во полуфиналето на Отвореното првенство на САД, Новак Ѓоковиќ призна дека во моментов не може да ги победи Јаник Синер и Карлос Алкараз во мечеви од пет сета.
„Изгубив во 3 од 4 полуфиналиња на Гренд Слем турнири од овие момци. Едноставно тие се предобри. Многу ми е тешко да играм најдобар од 5 сета, особено во крајните фази на Гренд Слем турнирите“, искрено изјави Ѓоковиќ.
По поразот од Алкараз, српскиот тенисер нагласи дека ќе продолжи да игра, мотивиран од љубовта и поддршката од публиката. „Уште уживам во возбудата од натпреварите. Денес добив одлична поддршка од публиката. Многу сум благодарен за тоа. Тоа е една од најголемите причини зошто продолжувам да го правам ова. Љубовта која ја добивам ширум светот беше неверојатна во последните неколку години“, рече тој.
Ѓоковиќ изрази надеж дека ќе продолжи да се натпреварува на големите турнири и следната година, истакнувајќи дека неговото учество во сите полуфиналиња на Гренд Слем турнирите оваа година му дава реални шанси за идни настапи. „Сè уште сакам да играм идната сезона на Гренд Слем турнирите, но ајде да видиме дали ќе се случи тоа. Мислам дека ќе имам поголеми шанси во мечевите со најдобар од 3 сета. Турнирите кои траат една недела. Мастер турнирите. Тоа можеби ќе ми биде поголема шанса во мечевите против нив“, заврши Ѓоковиќ.