
Единаесетте гола и двете асистенции во 17 настапи во американската МЛС-лига на центарфорот на Филаделфија јунион, Милан Илоски, се неговата најдобра препорака за фудбалската репрезентација на Македонија, чие државјанство има покрај американското.
„Сите од страната на мојот татко се Македонци. Пораснав со моите баба и деде, кои ми зборуваа на македонски. Иако не зборувам толку добро, го разбирам јазикот доста добро и секогаш комуницирав со нив на македонски. Горд сум што сум од Македонија. Пораснав со тоа во домаќинството, со македонските вредности и со начинот на кој се справувавме. Тоа е голем дел од мојата личност“, изјави Илоски во интервјуто за РГ водено од македонскиот новинар Филип Мишов.
„Разговарав со неколку играчи за тимот. Тоа би била многу интересна можност и би ја разгледал доколку ми се укаже. Секако, зависи од тоа како ќе одат работите и какви други можности има за мене, но би разгледал сè. Тоа би бил позитивен чекор во мојата кариера. Отворен сум за сите можности. Претставувањето на националниот тим е вистинска чест“, додаде 26-годишникот роден во Ескондидо, Калифорнија.
Илоски безмалку е на половина пат до ефектот од 23 гола во МЛС-лигата на неговиот идол Вејн Руни, а поседува и два рекорда. Минатата сезона стана стрелец на првиот хет-трик на Сан Диего, а на тој меч против Ванкувер постигна четири гола за 12 минути, најбрз „покер“ погодоци во историјата на лигата.
Пред три дена запиша гол и асистенција, први за него во Филаделфија, која го откупи договорот на Македонецот од САД со дански Нордсјиланд.