Кирил Лазаров ќе ја води македонската машка ракометна репрезентација најмалку до 2029 година, до кога го продолжи договорот со Ракометната федерација на Македонија.
„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“, изјави претседателот на РФМ, Александар Стефанов.
„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, посебно на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка. Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, додаде најдобриот македонски ракометар на сите времиња, а сега предводник на најдобрите македонски ракометари.
Следен предизвик за Лазаров и за неговите избраници е Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка од 16 јануари до 2 февруари.