Спорт

Македонските кошаркари од -18 до +8 против Азербејџан

„Црвено-жолтите“ во 17. минута губеа со 43:25 од аутсајдерот во квалификациите за ЕП, а на крајот славеа со 78:70 во Баку

Кошаркарската репрезентација на Македонија ја забележа и четвртата победа во четвртиот натпревар во претквалификациите за Европското првенство 2029, по вторпат совладувајќи го аутсајдерот Азербејџан, овојпат со 78:70 во Баку, откако во втората четвртина губеше со 18 поени разлика (43:25).

Тие катастрофални први 16 минути и неочекувано високата негатива конечно го вклучија алармот во составот на Жозеп Берокал, па неговите избраници од тој момент почнаа да ја оправдуваат улогата на изразит фаворит и до крајот на полувремето прво намалија на 37:44, за потоа да ги добијат следните две четвртини со 21:12 и 20:14, а со тоа и мечот.

Андреј Јакимовски одново беше најдобар и во македонскиот тим, и на средбата, со перформанс 23, кој го заслужи со постигнатите 22 поена, 8 скока и 3 украдени топки.

Со максимални 8 бода, „црвено-жолтите“ се зацврстија на врвот на табелата во групата А, а Војдан Стојановски стана рекордер со 90 настапи за националниот тим, престигнувајќи го Тодор Гечевски.

Најнови вести од: Спорт

To top