
Драстично ослабената кошаркарска репрезентација на Македонија без првите „виолини“ Ненад Димитриевиќ и Ти Џеј Шортс загуби од Романија со 80:72 во Куманово на стартот од претквалификациите за Светското првенство 2027 во Катар.
Избраниците на селекторот Марјан Илиевски 4:10 минути до крајот последен пат имаа водство (67:66), но немаа решение за Драгош Дикулеску, кој со 10 коша во низа го реши победникот.
Подмладениот македонски состав рамноправно се носеше со покорпулентните гостински играчи, дури во третата минута од последната четвртина имаше максимална предност од 61:56, а беше подобра и во првите две третини (18:17, 14:14 и 25:24), но снема сили за триумф на празникот Илинден.
Американецот со македонски пасош Џејкоб Вајли беше прво име на средбата со перформанс 39, запишувајќи дабл-дабл од 28 поени и 12 скока, а по 10 поени постигнаа Адем Мекиќ (7 асистенции) и Андреј Митревски.
За „црвено-жолтите“ следуваат две гостувања – на 8 август кај Унгарија во Солнок и пет дена подоцна кај Романија во Орадеа, а претквалификациите ќе ги завршат на 20 август повторно во реновираната сала во Куманово, чиј капацитет од 5.000 гледачи вечерва беше исполнет до последното место.
Во квалификациите продолжуваат двете најуспешни селекции во групата.