Хрватските фудбалски репрезентативци Лука Модриќ и Јошко Гвардиол му го честитаа изборот за нов македонски селектор на Гоце Седлоски, кому поддршка му даде и „изборникот“ на „коцкестите“ Златко Далиќ.
„Драг Гоце, еве да ти честитам за именувањето за селектор на Македонија. Ти посакувам сè најдобро и многу успех. Со среќа!“, вели Модриќ во видео-пораката до неговиот некогашен соиграч во Динамо Загреб.
„Поздрав тренеру! Пред сè, големи честитки од срце за именувањето за селектор на Македонија. Многу успех и среќа, секако, во новата улога и сигурен сум дека Ве чека многу добар пат. Секако, голем поздрав од Вашиот поранешен играч Јошко“, му порача дефанзивецот на Манчестер Сити, кому Седлоски му беше тренер во вториот тим на Динамо пред пет години.
„Драг Гоце, прво те поздравувам и сакам да ти честитам за именувањето за селектор на Македонија, твојата земја, твојот народ. Не се сомневам во тебе дека таа работа ќе ја работиш професионално, одговорно, ангажирано, борбено храбро и со многу емоции, каков што беше и како играч. Ти посакувам многу среќа во новата работа, многу успех и уживај“, му посака Далиќ на Седлоски.
Видео честитките за новиот предводник на „црвено-жолтите“ од хрватските фудбалски великани на линкот.