Љубителите на ракометот во Охрид со нетрпение го очекуваат возвратниот натпревар со Татабања утревечер од 20 часот во салата „Билјанини извори“ од финалето на Европскиот куп на ЕХФ, во кое македонскиот претставник ќе влезе со предност по победата од 29:28 во Унгарија.
„До пред само 6-7 месеци, се мачевме со продажбата на билети. Голем дел од нив се делеа, спонзорите ги охрабруваа луѓето да дојдат и да ги гледаат натпреварите. Сега сме во ситуација каде што ја распродаваме салата за европски натпревари и домашни дербија за два дена, потоа за два часа, па уште побрзо, финалето за 15 минути. Да имавме арена со 6.000 седишта, дефинитивно сè ќе беше повторно распродадено. Потпретседателот Предраг Бошковиќ и Маркус Глазер доаѓаат на натпреварот од ЕХФ. Тоа е историски момент, сакаме што е можно повеќе луѓе да учествуваат во спектаклот. Ќе има и поддршка пред салата за сите оние кои не можеа да добијат билети. Ќе имаме видеобим каде што ќе може да се гледа натпреварот, како и увертира со диџеј од 17:30 часот. Се надевам дека ќе можеме да им го доделиме трофејот на навивачите пред салата околу 22 часот, кога сè ќе заврши“, изјави за „Балкан хендбол“ директорот на Охрид, Славчо Ристески.