ФК Вардар денеска одржа комеморација во чест на легендарниот фудбалер Васил Рингов, кој почина на 70-годишна возраст на 23 декември.
Извршниот директор на клубот, Миленко Неделковски, објави дека Вардар одлучил да го повлече дресот со број 11 во чест на Рингов. Струмичанецот станува првиот фудбалер во историјата на Вардар чиј број ќе биде трајно повлечен – највисока чест што клубот може да му укаже на еден играч.
Во моментот, бројот 11 го носи 19-годишниот Димитар Данев. Сè уште не е познато дали тој ќе игра со друг број во вториот дел од сезоната или повлекувањето ќе стапи на сила од наредната сезона.
Раководството на „црвено-црните“ најави дека ќе побара од надлежните институции – Македонскиот олимписки комитет, Министерството за спорт и ПУИГ – јужната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ (Градскиот стадион во Скопје) да го добие името „Васил Рингов“.
Јужната трибина беше синоним за легендарниот левокрилен фудбалер, кој наводно обожавал да игра на таа страна поради сенката што ја фрлала на теренот. За тоа на комеморацијата зборуваше поранешниот тренер и соиграч Ѓоре Јовановски.
„Рингов беше човек кој имаше свое достоинство, интегритет, тоа треба да се нагласи посебно во денешно време кога е тешко да се задржи тој интегритет. Таа негова оригиналност може да се искаже и со струмичкиот акцент кој му беше присутен кога дојде. Секое дружење со него, секој тренинг, секој натпревар, секое патување со него можеше пет-шест анегдоти да се раскажат. Неговиот дух секогаш ќе лебди над Градски, секогаш ќе лебди особено над јужната трибина. Не можеме да ги заборавиме неговите центаршутеви, секогаш знае да те погоди во трепавица“ – рече Јовановски.
Тој се присети и на антологискиот гол со глава против Трепча со кој Рингов го однесе Вардар во Првата лига на Југославија, како и на анегдотата дека Рингов пред натпревар секогаш го молел капитенот Кочо Димитровски да ја избере јужната трибина поради сенката.
Рингов беше член на Вардар во три периоди (1977–1983, 1984–1986 и 1987), вкупно девет сезони, каде што остави неизбришлива трага.