Ракометната федерација на Македонија, заедно со Министерството за спорт, одредија премија од два милиона денари за секоја победа на машката репрезентација на претстојното 17. Европско првенство Данска, Шведска и Норвешка, а толкава ќе биде наградата и за евентуалниот пласман во втората фаза.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе стартуваат на 16 јануари од 20:30 часот во Хернинг против соорганизаторот Данска, два дена подоцна од 18 ч. ќе играат со Португалија и на 20 јануари исто така од 18 ч. ќе ги одмерат силите со Романија.
Двете првопласирани селекции од групата Б ќе продолжат во групата 1 од вториот круг, во рамките на која ќе вкрстат со по двата најдобри тима од групите А (Германија, Шпанија, Австрија и Србија) и Ц (Франција, Норвешка, Чешка и Украина), а ќе ги пренесат бодовите од прелиминарната фаза.