
Четвртото коло од Европскиот клупски куп, кој се одигрува на грчкиот остров Родос, донесе нов драматичен меч за ШК Алкалоид, со нова победа од 4:2 против традиционално незгодниот противник од Азербејџан, екипата Вугар Гашимов.
– Високата тензија беше присутна од првата минута. Оваа екипа во минатото во повеќе наврати играла тешки мечеви со нашиот тим и добро знаевме што нѐ очекува. Во претходниот меч ги поправавме позициите и правевме пресврти по четири часа игра, но овојпат ние го отворивме одлично и го трасиравме патот кон триумфот – изјави капитенот ВМ Влатко Богдановски.
Во петтото коло ШК Алкалоид ќе игра со бранителот на трофејот од минатата година, Нови Бор од Чешка, кој е трет носител, додека, пак, ривалите СуперЧес ќе го предизвикаат на мегдан прворангираниот тим според рејтингот, Бајеган Пендик од Турција, кој денеска играше 3 : 3 со унгарскиот тим Нагиканижаи. Турнирот има само седум кола поради што оваа фаза на меѓусебни дуели може да биде пресудна за конечниот изглед на табелата.