Фудбалерите на Шкендија имаат за што да жалат и во вториот натпревар едноподруго во Конференциската лига на УЕФА, во кој ја надиграа Дрита, но загубија со 1:0 во Приштина, откако во почетокот од ноември само ремизираа 1:1 со Јагјелонија во Скопје со примен гол во 96. минута!
Македонскиот првак имаше и многу поголем посед на топката (62:38 отсто), и упати неспоредливо повеќе удари (19:5), а беше совладан од првиот од само двата удара во рамките на својот гол, кој во погодок за победа го претвори Арб Манај во 20. минута.
Лиридон Љатифи ја пропушти најголемата можност да им донесе барем бод на тетовските „црвено-црни“, но во 57. минута ја погоди пречката.
Поразот во Косово ја спушти Шкендија на првото место што не води во елиминациите, покрај гарантираните 24, со 4 бода од досегашните четири кола.