Спорт

Шкупи пред исфрлање од Првата лига

Откако пред две седмици службено го загуби натпреварот со Силекс, тимот од Чаир се соочува и со втора таква ситуација

ffm.mk

Откако пред две седмици службено го загуби натпреварот со Силекс, екипата на Шкупи сега се соочува и со втора таква ситуација.

Имено ФФМ информира дека чаирчани не ги исполниле условите околу стадионот. Тие ќе мора да пријават (најдат) нов терен за пристојниот меч со Вардар.

Во целост сопштението од ФФМ:

Фудбалската федерација на Македонија, преку Комисијата за натпревари, ја информира јавноста дека ФК Шкупи е должен да пријави алтернативен стадион за одигрување на натпреварот од 4. коло во Прва МФЛ против ФК Вардар закажан за 29 август во 16:30 часот.
Согласно извршената инспекција и извештајот за инфраструктура, утврдено е дека стадионот во Чаир не ги исполнува минималните услови за организација на натпревари од Прва МФЛ, поради:

– недоволно исполнети безбедносни услови за одигрување натпревари од Прва МФЛ согласно извештајот за инфраструктура;
– несоодветна заштитна ограда на јужната трибина, во која има дупки и други небезбедни елементи што претставуваат ризик за учесниците на натпреварот (фудбалерите, официјалните лица и сите присутни);
– неисполнети критериуми за примена на ВАР системот, односно нема соодветно струјно поврзување за ТВ репортажното возило;
– незавршена една од трите потребни платформи за ТВ камери, како и неисполнети услови и соодветен простор за ТВ коментатори;
– искршени клупи за резервни фудбалери кои не обезбедуваат минимални услови за фудбалерите и претставниците на клубовите.                                     

Загрижува фактот што за време на инспекцијата на стадионот немаше присутен официјален претставник на ФК Шкупи. Единствено беа претставници на навивачката група „Шверцери“, кои покажаа ентузијазам и желба да помогнат во поддршката на клубот.

Сепак, доколку клубот навистина сака да ја реши ситуацијата, неопходно е да се појави официјален претставник кој јасно ќе ја соопшти намерата и чекорите што ќе се преземат. Ги повикуваме сопственикот и извршниот директор на клубот да се појават на стадионот во Чаир и да преземат мерки за нормално функционирање на ФК Шкупи. ФФМ, како и досега, ќе направи се што е потребно да му помогне на клубот, но истовремено потенцираме дека не смее да се дозволи натпревари, особено со висок ризик, да се играат во вакви услови.

Со оглед на сериозноста на утврдените недостатоци, ФК Шкупи нема можност да биде домаќин на стадионот во Чаир за натпреварот од 4. коло во Прва МФЛ против ФК Вардар.

Клубот има обврска најдоцна до крајот на денот да пријави соодветен алтернативен терен за одигрување на натпреварот. Комисијата за натпревари се надева дека за време на претстојната репрезентативна пауза, ФК Шкупи ќе најде начин да ги заврши сите потребни работи и стадионот во Чаир да добие дозвола за организација на натпревари од домашниот шампионат.

На Шкупи не му останува многу време да најде алтернатива и да избегне нов службен пораз. Тоа би значело и автоматско исфрлање од Првата лига.

Најнови вести од: Спорт

To top