Александар Трајковски со оптимизам гледа на претстојниот мундијалски бараж со Данска в четврток од 20:45 часот во Копенхаген.
„Данска можеби е фаворит на хартија, но ние сме покажале дека можеме да играме против секого. Верувам во оваа екипа. Изјавите од нивна страна може само дополнително да нè мотивираат“, изјави „убиецот“ на Италија во сензационалниот триумф од 1:0 во Палермо во разигрувањето за претходното Светско првенство во Катар.
„Искрено, ова е еден од најважните натпревари во мојата кариера на репрезентативен план. Нема поубаво чувство од победа во вакви моменти и можност да се бориш за пласман на Светско првенство. Се надевам дека ќе успееме да го повториме успехот од Палермо“, додава вториот на вечната листа на стрелци за македонската репрезентација со 24 гола.
„Ова е фудбал, се игра еден натпревар и сè е можно“, смета напаѓачот на загрпеска Локомотива во изјавата за вебстраницата на Фудбалската федерација на Македонија.