Фудбалерите на Вардар го совладаа шампионот Шкендија со 1:0 во Тетово, нанесувајќи му го првиот пораз сезонава во дербито на 10. коло од Првата македонска фудбалска лига и се искачија на врвот на табелата.
Стрелец на единствениот гол беше Давид Бабунски во 49. минута од пенал досуден за играњето со рака на Адаму Алхасан во својот шеснаесетник по нафрлената топка од корнер.
Шкендија израмни во 88. минута преку Бесарт Ибраими, но ВАР му го поништи четвртиот гол од сезоната на нејзиниот центарфор поради офсајд.
Во последните мигови од средбата дојде до кошкање меѓу играчите на двата тима покрај гостинскиот голман Давор Талески, кој легна на тревата до гол-аут линијата жалејќи се на удар од Ибраими.
Најтрофејниот македонски клуб сега е лидер со 24 бода, еден повеќе од Струга, зад која се Силекс и Шкендија со по 21.