Ракометарите на Вардар се освојувачи на 34. Куп на Македонија во Струмица со победата од 24:23 над Охрид, која ги зацврсти на вечната листа со 18 трофеи во ова натпреварување.
Охриѓани имаа шанса да го одведат драматичното финале до реми, но по тајмаутот 14 секунди до крајот по исклучувањето на Георгиевски поради играњето со нога не реализираа „цепелин“.
Најпријатното изненадување во македонскиот ракомет сезонава во своето прво куп-финале му даде жесток отпор на двократниот европски првак, прв го зададе ударот со водството од 20:17 преку Ѓукиќ во 42. минута, но ракометарите во сини дресови како да се уплашија од историската можност и застанаа по израмнувањето преку Ојлески на 22:22.
Вината за тоа ја има вардаровиот голман Валах, кој мечот го заврши со 9 одбрани, вклучувајќи го и клучниот од ексвардарецот Јасухира во финишот, а во нападот се издвои Малус со 8/13, пред Горига со 6/6 и Тузолана со 5/7.
И кај поразениот тим блескаше чуварот на мрежата Пилиповиќ со 9 успешни интервенции, пред Ѓукиќ со 5/6 и Јасухира со 5/7 во нападот.