Спорт

Велс со пет пати поскапа фудбалска репрезентација од Македонија

Според „Трансфермаркт“, составот на Белами вкупно вреди 180,18 милиони евра, а тој на Милевски 37,6 милиони

Според специјализираната вебстраница „Трансфермаркт“, фудбалската репрезентација на Велс има пет пати поскап состав од тој на Македонија – 180,18 милиони евра наспроти 37,60 милиони.

Најскап велшки репрезентативец во моментов е десното крило Бренан Џонсон, со пазарна вредност од 40 милиони евра. Членот на Тотенхем има 41 настап и 6 гола за националниот тим, а во тековните мундијалски квалификации погоди еднаш – во поразот од 4:3 против Белгија во Брисел.

Левиот бек на Нотингем Форест, Нико Вилијамс (52 настапи за Велс/4 гола), вреди 24 милиони евра, четири милиони повеќе од дефанзивниот играч за врска на Лидс, Итан Ампаду (59/0), кој ќе отсуствува поради парни жолти картони.

Крилото на Фулам, Хари Вилсон (66/14), кој се враќа во составот по прележаната „жолтица“ и ќе ја носи капитенската лента, има вредност од 18 милиони евра, а во овие квалификации за СП постигна два погодока – по еден во победата од 3:0 над Лихтенштајн дома и во поразот од Белгија од 4:3, кога запиша и асистенција.

Уште две велшки крила имаат двоцифрена пазарна вредност – Даниел Џејмс (60/8) од Лидс од 16 милиони евра и во тековната кампања за СП има еден гол против Казахстан (3:1), како и Дејвид Брукс (40/5) од Борнмут (12 милиони), стрелецот на израмнувачкиот гол во 96. минута во ремито 1:1 со Македонија во Скопје.

Бекот на Лидс, Џо Родон (57/2), вреди 10 милиони евра и погоди по еднаш против Лихтенштајн (3:0) и со Белгија (3:4).

За споредба, најскапиот македонски репрезентативец Елиф Елмас од Наполи вреди речиси колку половина од целиот состав на селекторот Благоја Милевски – 14 милиони евра, а далеку зад него се Бојан Миовски од Глазгов Ренџерс и Енис Барди од Коњаспор со по 3 милиона.

Милионска вредност изразена во евра, според „Трансфермаркт“, имаат уште Столе Димитриевски од Валенсија (2,5 милиони), Дарко Чурлинов од Коџаелиспор и Димитар Митровски од љубљанска Олимпија по 1,5 милион, како и Лирим Ќамили од дански Сондерјиске со 1,2 милиони евра.

 

 

 

Најнови вести од: Спорт

Инциденти на мечот Шкендија – Пелистер: Фрлен скалпел кон судиите, четвртиот судија погоден со паричка и запалка

Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека согласно официјалниот судиски извештај од натпреварот од 20. коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Шкендија и Пелистер, биле евидентирани повеќе сериозни безбедносни инциденти. Во 57. минута, при прекин на играта поради измена на играчи, од трибините биле фрлани предмети кон техничкиот простор. Четвртиот судија бил погоден со паричка […]

To top