Андреас Трајковски ѝ донесе златен медал на Македонија од Европското првенство во атлетика за мали земји во Монако со триумфот во скок во далечина.
На најдобриот македонски атлетичар за првото место во конкуренција на 15 натпреварувачи му беше доволен скокот од 7,62 метри во втората серија, по која повеќе не настапи поради грч, а во првата скокна 7,42 м.
Сребрениот медал го освои Мухамет Цангели од Албанија со 7,46 м, а бронзениот му припадна на Андреас Махалекидес од Кипар со 7,33 м.
„Среќен сум што првпат во историјата донесов златен медал за Македонија во скок во далечина на ова првенство. Се чувствував одлично за време на загревањето и верувам дека ако не се појавеше грчот, односно истегнувањето по скокот од 7,62 м, ќе скокнев значително подалеку. По тој скок добив мала повреда на замавната нога, па заедно со тренерот одлучивме да го прекинеме настапот за да не ризикуваме посериозна повреда. Сега фокусот е целосно насочен кон тоа да бидам 100 отсто здрав и подготвен за што подобар настап на Балканското првенство на 20 јуни“, изјави 33-годишниот Трајковски по церемонијата на доделување на медалите.
Покрај златото на атлетичарот роден во Копенхаген, кој до 2022 година настапуваше за земјата на неговата мајка Данска, а оттогаш е репрезентативец на државата на неговиот татко Кристијан, Македонија од ова натпреварување со 17 земји-учеснички се враќа со уште три медали – сите бронзени. Со нив се закитија Брајан Авија во скок во височина со прескокнати 200 см, Огнен Стефановски на 110 м со пречки со време 14,68 секунди и Јован Стојовски на 400 м со пречки со 53,80 сек.
Интонирањето на државната химна на Република Македонија во чест на Андреас Трајковски на линкот.