Унгарците денеска гласаат на парламентарни избори кои би можеле да го завршат 16-годишното владеење на премиерот Виктор Орбан, да ја потресат Русија и десничарските кругови низ Запад, вклучително и Белата куќа на американскиот претседател Доналд Трамп.
Орбан, евроскептичен националист, создаде модел на „нелиберална демократија“ што движењето „Направи ја Америка повторно голема“ (MAGA) на Трамп и неговите обожаватели во Европа го гледаат како модел за углед, објави Ројтерс.
Но, многу Унгарци се сè повеќе незадоволни од Орбан по три години економска стагнација и зголемување на трошоците за живот, како и извештаи за олигарси блиски до владата кои акумулираат сè поголемо богатство.
Во еднодомниот парламент соо 199 места, 106 пратеници се избираат непосредно, а 93 – кандидати од партиски листи.
За да се воведат измени во уставот, на партиите им е потребно квалификувано мнозинство од две третини – 133 места во парламентот.
Според некои анкети, партијата на 62-годишниот премиер Виктор Орбан „Фидес“ губи поддршка, додека опозициската партија „Тиса“, предводена од 45-годишниот Петер Маѓар, значително добива поддржувачи.
Поточно, според проценките засновани на пет анкети на Медијан од февруари и март, „Тиса“ би можела да освои 138-145 места во парламентот.
Сепак, аналитичарите забележуваат дека гласовите на оние кои сè уште не одлучиле за кого да гласаат би можеле решително да влијаат на резултатите од изборите.
Лидерот на партијата Тиса ветува дека ќе преземе строги мерки за борба против корупцијата, реформирање на здравствениот систем и прекинување на зависноста од руските енергетски извори до 2035 година.
„Ова не значи дека нема да купуваме од Русија, туку дека ќе ги најдеме најевтините и најбезбедните ресурси. Значи, во случај на енергетска криза, ќе имаме многу опции за да ги задоволиме потребите на Унгарија“, рече Маѓар.
Тој, исто така, се залага за подобрување на односите со ЕУ. „Овие избори се последна шанса (…). Нема да дозволиме партијата Фидес да ја извади Унгарија од ЕУ“, рече лидерот на опозицијата, кој беше член на партијата на Орбан од 2002 до 2024 година.
Од своја страна, Орбан уверува дека сака реформи во ЕУ, но нема намера да го прекине членството на Унгарија. Тој верува дека Тиса, ако дојде на власт, ќе ја вовлече Унгарија во конфликтот во Украина.
„Изборот е едноставен: зависност и пад или суверенитет, сила и мир“, рече лидерот на Фидес.
Орбан ја извршува функцијата премиер на земјата од 2010 година. Претходно ја извршуваше оваа функција од 1998 до 2002 година.