Свет

Европската комисија се соочува со гласање за недоверба во Европскиот парламент

Мецола изјави дека иницијативата ги исполнува сите услови предвидени со член 131 од Деловникот на Европарламентот и таа ќе се најде на дневниот ред на заседанието закажано за од 7 до 10 јули

Европската комисија на Урсула фон дер Лајен следниот четврток ќе се соочи со гласање за недоверба во Европскиот парламент, откако предлогот поднесен од романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа ги помина потребните парламентарни процедури, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што соопшти претседателката на Европарламентот Роберта Мецола дебатата по предлогот на Пипереа ќе се одржи в понеделник на стартот на јулската парламентарна сесија предвидена за следната недела во Стразбур, по што по неа европратениците ќе се изјаснат в четврток.

Мецола изјави дека иницијативата ги исполнува сите услови предвидени со член 131 од Деловникот на Европарламентот и таа ќе се најде на дневниот ред на заседанието закажано за од 7 до 10 јули.

Иницијативата на Пипереа, кој доаѓа од редовите на романската националистичка Алијанса за Унија на Романците (АУР), беше покрената минатиот четврток и на почетокот беше поддржана од 74 европратеници од редовите на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), Патриотите за Европа (ПФЕ), Европа на суверените нации (ЕСН) или членови на ЕП кои не припаѓаат на ниту една пратеничка група, како и еден припадник на Европската народна партија (ЕПП) – Бранко Гримс од Словенечката демократска партија (СДС), кој веќе следниот ден го повлече својот потпис.

Покрај Грим, подоцна својата поддршка на идејата ја повлекоа уште неколкумина пратеници, но Пипереа вчера соопшти дека неговиот предлог „собрал 79 потписи“, што е над потребниот праг од поддршка од најмалку 72 европратеници за покренување парламентарна иницијатива.

Во иницијативата на Пипереа, Комисијата се критикува за „недостиг на транспарентност“, а во документот се споменува и аферата „Фајзергејт“ поврзана со обвинувања против Фон дер Лајен за злоупотреба на должноста при договарањето на набавки на вакцини во време на Ковид кризата.

Веројатноста дека иницијативата ќе добие поддршка од потребното мнозинство на членовите на Европскиот парламент е многу мала, од причина што ниту една од пратеничките групи официјално не застана зад предлогот на романскиот европратеник.

За да биде поддржана, за иницијативата мора да се изјаснат најмалку две третини од пратениците што учествувале во гласањето, како и таа да биде поддржана од над половина од вкупниот број членови во Европскиот парламент.

Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер уште минатата недела изјави дека пратеничката групата на неговата партија „едногласно ќе се изјасни“ против иницијативата на Пипера. Самата Фон дер Лајен и половина од членовите на Еврокомисијата се од редовите на ЕПП.

Претседателката на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија, исто така најави дека социјалдемократските европратеници нема да гласаат за недоверба на Европската комисија.

– Јасно е дека треба да разговараме за тоа во рамките на групата, но нашата позиција е јасна: ние не гласаме исто со екстремната десница- изјави синоќа Гарсија.

Од предлогот се оградија и Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), чиј член е Пипереа. Портпарол на ЕЦР минатата недела изјави дека не станува збор за иницијатива на групата, иако меѓу потписниците се најдоа 32 од нејзините 79 европратеници, вклучително и копретседателот Патрик Јаки од полската партија Право и правда (ПиС). Според извори во ЕП, иницијативата на Пипереа довела до поделба во редовите на ЕЦР на крило за поддршка на предлогот, предводено од ПиС и крило против идејата на чело со партијата Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Како и ЕЦР, од предлогот официјално се оградија и групите на ЕФП и ЕСН.

Иако, во ЕП преовладува мислењето дека иницијативата ќе доживее неуспех, сепак се оценува дека покрај од пратеници од редовите на екстремната десницата и екстремната левица, таа би можела да биде поддржана и од членови на СД, либералите и зелените, кои сметаат дека Фон дер Лајен „свртува в десно“ и кокетира со десничарските партии.

Досега до Европскиот парламент во пет наврати биле поднесувани иницијативи за изгласување недоверба на Еврокомисијата која во тој момент била актуелна, но ниту една од нив не добила поддршка од мнозинството европратеници.

Најнови вести од: Свет

Ужас на хокеарски натпревар: Убиецот, кој се идентификувал како жена, со пиштол ги ликвидирал поранешната сопруга и децата (Видео)

Три лица загинаа, а тројца се тешко ранети во пукање за време на младински хокеарски натпревар меѓу средни училишта во Потакет, Род Ајленд. Меѓу жртвите е и напаѓачот кој ја убил поранешната сопруга и детето, кој потоа извршил самоубиство. Според полициски извори, убиецот, за кој се смета дека е и татко на еден од играчите на натпреварот, е 56-годишниот Роберт Дорган, кој се претставувал под името Роберта и наводно се идентификувал како жена.

Новиот закон во Германија: Целосна забрана за апликации што предупредуваат за сообраќајни контроли

Германија се подготвува за радикална промена во регулативата за апликациите за навигација, која би можела да оди чекор подалеку од сегашните правила во повеќето европски земји.

Украина и Русија во Женева на нова рунда преговори за мир

Претставници на Украина и Русија денеска и утре ќе се сретнат во Женева на нова рунда мировни преговори со посредство на Соединетите Американски Држави, при што Кремљ истакнува дека фокусот ќе биде на најгорливото прашање од војната – судбината на украинската територија окупирана од Русија.

Холандскиот министер за одбрана: Ф-35 може да биде „хакиран“ како Ајфон(ВИДЕО)

Холандскиот министер за одбрана Гијс Туинман ја изненади јавноста со изјава дека софтверската независност за борбениот авион Ф-35 е можна, сугерирајќи дека авионот буквално би можел да биде „хакиран“ како Ајфон.

To top