Свет

Европската комисија се соочува со гласање за недоверба во Европскиот парламент

Мецола изјави дека иницијативата ги исполнува сите услови предвидени со член 131 од Деловникот на Европарламентот и таа ќе се најде на дневниот ред на заседанието закажано за од 7 до 10 јули

Европската комисија на Урсула фон дер Лајен следниот четврток ќе се соочи со гласање за недоверба во Европскиот парламент, откако предлогот поднесен од романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа ги помина потребните парламентарни процедури, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што соопшти претседателката на Европарламентот Роберта Мецола дебатата по предлогот на Пипереа ќе се одржи в понеделник на стартот на јулската парламентарна сесија предвидена за следната недела во Стразбур, по што по неа европратениците ќе се изјаснат в четврток.

Мецола изјави дека иницијативата ги исполнува сите услови предвидени со член 131 од Деловникот на Европарламентот и таа ќе се најде на дневниот ред на заседанието закажано за од 7 до 10 јули.

Иницијативата на Пипереа, кој доаѓа од редовите на романската националистичка Алијанса за Унија на Романците (АУР), беше покрената минатиот четврток и на почетокот беше поддржана од 74 европратеници од редовите на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), Патриотите за Европа (ПФЕ), Европа на суверените нации (ЕСН) или членови на ЕП кои не припаѓаат на ниту една пратеничка група, како и еден припадник на Европската народна партија (ЕПП) – Бранко Гримс од Словенечката демократска партија (СДС), кој веќе следниот ден го повлече својот потпис.

Покрај Грим, подоцна својата поддршка на идејата ја повлекоа уште неколкумина пратеници, но Пипереа вчера соопшти дека неговиот предлог „собрал 79 потписи“, што е над потребниот праг од поддршка од најмалку 72 европратеници за покренување парламентарна иницијатива.

Во иницијативата на Пипереа, Комисијата се критикува за „недостиг на транспарентност“, а во документот се споменува и аферата „Фајзергејт“ поврзана со обвинувања против Фон дер Лајен за злоупотреба на должноста при договарањето на набавки на вакцини во време на Ковид кризата.

Веројатноста дека иницијативата ќе добие поддршка од потребното мнозинство на членовите на Европскиот парламент е многу мала, од причина што ниту една од пратеничките групи официјално не застана зад предлогот на романскиот европратеник.

За да биде поддржана, за иницијативата мора да се изјаснат најмалку две третини од пратениците што учествувале во гласањето, како и таа да биде поддржана од над половина од вкупниот број членови во Европскиот парламент.

Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер уште минатата недела изјави дека пратеничката групата на неговата партија „едногласно ќе се изјасни“ против иницијативата на Пипера. Самата Фон дер Лајен и половина од членовите на Еврокомисијата се од редовите на ЕПП.

Претседателката на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија, исто така најави дека социјалдемократските европратеници нема да гласаат за недоверба на Европската комисија.

– Јасно е дека треба да разговараме за тоа во рамките на групата, но нашата позиција е јасна: ние не гласаме исто со екстремната десница- изјави синоќа Гарсија.

Од предлогот се оградија и Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), чиј член е Пипереа. Портпарол на ЕЦР минатата недела изјави дека не станува збор за иницијатива на групата, иако меѓу потписниците се најдоа 32 од нејзините 79 европратеници, вклучително и копретседателот Патрик Јаки од полската партија Право и правда (ПиС). Според извори во ЕП, иницијативата на Пипереа довела до поделба во редовите на ЕЦР на крило за поддршка на предлогот, предводено од ПиС и крило против идејата на чело со партијата Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Како и ЕЦР, од предлогот официјално се оградија и групите на ЕФП и ЕСН.

Иако, во ЕП преовладува мислењето дека иницијативата ќе доживее неуспех, сепак се оценува дека покрај од пратеници од редовите на екстремната десницата и екстремната левица, таа би можела да биде поддржана и од членови на СД, либералите и зелените, кои сметаат дека Фон дер Лајен „свртува в десно“ и кокетира со десничарските партии.

Досега до Европскиот парламент во пет наврати биле поднесувани иницијативи за изгласување недоверба на Еврокомисијата која во тој момент била актуелна, но ниту една од нив не добила поддршка од мнозинството европратеници.

Најнови вести од: Свет

АфД поднесе кривична пријава против Мерц по обвинувањата за „етничко чистење“

Германската партија Алтернатива за Германија (АфД) поднесе кривична пријава против канцеларот Фридрих Мерц, кој во говор во парламентот оваа недела ја обвини антиимиграциската партија дека спроведува политика на „етничко чистење“.

Америка одбележува 25 години од нападот врз кулите близначки

Официјалниот број на загинати изнесува 2.977 лица, не сметајќи ги 19-те киднапери. Жртвите биле државјани на 90 земји. Меѓу загинатите имало 343 пожарникари, како и полицајци и припадници на други служби за итни интервенции

За екоцид ќе се лежи доживотно

За најтешките дела на загадување на животната средина, пропишаната казна се движи од минимум 10 години затвор до долготраен затвор или доживотен затвор – казни што се построги од оние предвидени со релевантната европска директива

Русија изгуби сто пати повеќе војници во Украина отколку во Авганистан

Според податоците објавени од Генералштабот на вооружените сили на Украина на 9 септември, загубите во рускиот воен персонал од почетокот на целосната инвазија врз Украина надминаа 1,5 милиони загинати и ранети

To top