Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Саид Хатибзадех, го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека САД би можеле да доживеат „нов Виетнам“ ако во војната испратат копнени сили.
Итервјуиран од Скај њуз во неговиот кабинет во Техеран, Хатибзадех рече дека Иран е подготвен да се бори онолку долго колку што е потребно и оти земјата во моментов не се фокусира на дипломатско решение на конфликтот.
Тој не ја исклучи можноста за преговори, но јасно порача дека на САД и на нивните сојузници е да излезат со предлог што еднаш засекогаш би го завршил судирот.
На прашањето за можноста од испраќање американски копнени сили, неговата порака до Трамп е јасна: „Само прочитајте што се случи во Виетнам“.
САД во 1965 година воено се вклучија во виетнамската војна за да го спречат ширењето на комунистичкиот Северен Виетнам на југот на земјата.
И покрај огромната воена сила и стотици илјади војници на теренот, САД не успеаја да ги победат герилските сили на Виетконг и северновиетнамската војска, па во 1973 година се повлекоа од војната, по што во 1975 година цел Виетнам падна под комунистичка власт.
Американските војници, рече Хатибзадех, би можеле да доживеат слична судбина во Иран.
„Тие сфаќаат дека оние што ги вовлекоа во оваа војна можат исто така да ги вовлечат во мочуриште од кое е тешко да се излезе“, нагласи тој.
Хатибзадех го обвини и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ги вовлекол Соединетите Држави во војната.
„Треба добро да размислат кога имаат работа со Иран и да не ги слушаат советите од оние кои не го познаваат Иран, а кои со децении сакаат да добијат војна со Иран со парите на американските даночни обврзници и со крвта на американските војници. Нетанјаху и израелскиот режим имаат сопствена агенда оваа војна да ја претворат во своја победа, на сметка на сите останати“, рече Хатибзадех.
Зборувајќи за здравјето на новиот ирански врховен водач Моџтаба Хамнеи, заменик-министерот за надворешни работи рече дека тој е „здрав и ја води земјата“, и покрај тоа што уште не се појавил во јавноста.