Корпусот на Иранската револуционерна гарда (ИРГК) денес објави дека почнувајќи од утре ќе започне со напади врз американските технолошки компании во регионот, како одмазда за нападите врз Иран.
Меѓу 18-те американски компании за кои ИРГК наведе дека ќе бидат цел на напади се „Мајкрософт“, „Гугл“, „Епл“, „Интел“, „ИБМ“, „Тесла“, „Боинг“, „Оракл“ и „Мета“.
„Овие компании треба да очекуваат уништување на нивните единици како возврат за каков било терористички акт во Иран, почнувајќи од 20:00 часот по техеранско време во среда, 1 април“, се вели во соопштението на ИРГК, кое го пренесе „Тасним“.
ИРГК соопшти дека американските компании за информатичка технологија и вештачка интелигенција ќе бидат цел на напади бидејќи се „главен елемент во дизајнирањето и следењето на целите“ во Иран.
„Им советуваме на вработените во овие институции веднаш да ги напуштат своите работни места за да ги заштитат своите животи. Жителите околу овие терористички компании во сите земји во регионот, исто така, треба да ги напуштат своите простории во радиус од еден километар и да одат на безбедно место“, се вели во соопштението.