Свет

Какви времиња – секој петти Германец размислува да емигрира од својата земја

Најчесто наведуван мотив за евентуално напуштање е надежта за подобар живот

Секоја петта личност во Германија размислува за напуштање на земјата, покажува најновото истражување на Германскиот центар за интеграција и миграција, пренесува ДПА.

Од анкетираните 2.933 луѓе, 21 отсто признале дека размислувале за емиграција. Кај Германците без мигрантско потекло, процентот изнесува 17 отсто, додека оние кои самите дошле во Германија имаат двојно поголема склоност да размислуваат за заминување – дури 34 отсто.

Најчесто наведуван мотив за евентуално напуштање е надежта за подобар живот, што го посочила речиси половина од испитаниците. Мигрантите, пак, често ги наведуваат и искуствата со дискриминација како причина за размислување да ја напуштат земјата.

И покрај тоа, конкретни планови за заминување се ретки: само два проценти од испитаниците планираат да се преселат во странство во рок од една година. Според Федералната статистичка служба, во 2024 година Германија ја напуштиле 1,2 милиони луѓе.

Истражувањето исто така покажува дека највисока склоност кон емиграција имаат лицата со семејни врски во Турција, Блискиот Исток и Северна Африка (39 отсто), следат имигрантите од поранешниот Советски Сојуз (31 отсто) и други земји од Европската Унија (28 отсто).

Студијата посочува дека во јавните дебати за имиграцијата често се занемарува фактот дека Германија редовно губи жители, што влијае на демографијата и создава недостаток на работна рака.

Истражувањето било спроведено во периодот лето 2024 – лето 2025 година.

Најнови вести од: Свет

На повеќе од 27 илјади лица им е одбиен влез во ЕУ преку новиот систем за гранична контрола!

Од почетокот на етапното воведување на новиот систем за гранична контрола во Европската Унија лани во октомври, на над 27.000 лица им бил одбиен влезот во блокот, соопшти денеска Европската комисија. Меѓу лицата на кои им е забранет влезот, околу 700 претставувале директна закана за безбедноста.

Печатите во пасошите одат во историја: ЕУ од денеска воведува дигитална евиденција за влез и излез

Иако EES е замислен како модернизација на граничниот систем, првите денови покажуваат дека транзицијата нема да помине без нервоза, подолги чекања и потреба од прилагодување.

To top