Свет

Мицкоски денеска на Самит ЕУ-Западен Балкан

Главни теми на средбата на врвот ќе бидат стратешко партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан, постепената интеграција во Унијата и Планот за раст на регионот, како и надворешните работи, безбедноста и одбраната

Премиерот Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Брисел, попладнево ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе претставува можност за демонстрирање и потврда на силата на стратешкиот однос меѓу Унијата и регионот и придобивките што тој ги носи за граѓаните.

На Самитот, со кој ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, покрај премиерот Мицкоски, ќе учествуваат и лидерите на останатите пет земји кандидати или аспиранти за членство во Унијата од Западниот Балкан, како и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Главни теми на собирот ќе бидат стратешко партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан, постепената интеграција во Унијата и Планот за раст на регионот, како и надворешните работи, безбедноста и одбраната.

Како што најави Советот на ЕУ, предвидено е на крајот од Самитот да биде објавена декларација и од партнерите од Западниот Балкан се очекува да се усогласат со неа.

Според најавата, Самитот ќе ја означи важноста на политичките и економските односи меѓу ЕУ и партнерите од Западниот Балкан, особено во сегашниот геополитички контекст и потребата од сè посилни врски меѓу Унијата и регионот.

– ЕУ ќе ја потврди целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западниот Балкан, како и на постигнатиот напредок во процесот на проширување, што е одразен во најновиот извештај на Комисијата. На самитот ќе се нагласи важноста од видлив напредок во реформите, усогласувањето со европското законодавство, регионалната соработка, добрососедските односи и помирувањето, се додава во најавата.

Во неа натаму се нагласува дека ЕУ е посветена на приближување на партнерите од Западниот Балкан кон неа уште за време на процесот на проширување.

„ Нивната постепена интеграција е во тек во неколку области на политиката, подготвувајќи ја основата за пристапување и носејќи конкретни придобивки за граѓаните“, посочува ЕУ.

Се очекува на состанокот ЕУ да го поздрави конкретниот напредок во постепената интеграција на партнерите од Западниот Балкан, особено преку Планот за раст на регионот лансиран во 2023 година, со цел дополнително да ги интегрира западнобалканските земји во единствениот европски пазар, да ја унапреди регионалната економска соработка, како и да ги стимулира потребните реформи поврзани со пристапувањето кон блокот, за што се обезбедени шест милијарди евра наменети за реформски процеси и инвестиции.

„Планот за раст има потенцијал да го забрза економскиот раст на регионот во текот на следната деценија и да ја зајакне социоекономската конвергенција помеѓу Западниот Балкан и ЕУ, под услов партнерите да ги спроведат реформите поврзани со пристапувањето кон Унијата. ЕУ е примарен и најсигурен партнер на Западниот Балкан. Таа е главен трговски партнер, инвеститор и донатор на регионот, се додава во најавата.

Во неа натаму се наведува дека лидерите на ЕУ и на Западниот Балкан се обединети во нивната непоколеблива поддршка и солидарност со Украина.

„ Европската Унија ги поздравува оние партнери од Западниот Балкан кои веќе се целосно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и охрабрува понатамошни усогласувања од страна на оние кои сè уште не го сториле тоа“, се нагласува во најавата на Самитот.

Предвидено е лидерите да разговараат и за соработката во областите на безбедноста, одбраната, отпорноста на хибридни и кибер закани и борбата против странското мешање и дезинформациите.

Ваквите Самити се предвидени со Стратешката агенда на Европскиот совет за периодот 2024-2029 година и редовно се одржуваат од 2018 година. Претходниот Самит ЕУ-Западен Балкан се одржа лани во декември во Брисел, а следниот е предвиден за во јуни 2026 година во Црна Гора.

Инаку, за време на посетата на Брисел, премиерот Мицкоски е придружуван од министрите за надворешни работи и за надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашање Орхан Муртезани.

Најнови вести од: Свет

ММФ предупредува: Конфликтот со Иран ја засилува инфлацијата и ги нарушува глобалните синџири на снабдување

Не е веќе прашање дали војната на Блискиот Исток ќе ја погоди светската економија, туку колку длабоко и колку долго. Најновата анализа на Меѓународниот монетарен фонд, објавена на 30 март и потпишана и од главниот економист Пјер-Оливие Гуринша, испраќа една јасна порака: ако кризата во Заливот продолжи да ги нарушува испораките на нафта, гас и ѓубрива, светот ќе се соочи со повисоки цени и побавен раст. Фондот предупредува дека шокот е глобален, но нема да биде еднакво распределен, најсилно ќе ги погоди земјите што зависат од увоз на енергија, сиромашните економии и државите со слаб фискален простор.

Рубио: НАТО ќе мора да се преиспита по војната со Иран

Американскиот државен секретар Марко Рубио остро ги критикуваше Шпанија и дел од другите сојузници во НАТО поради ограничената поддршка во војната против Иран, сугерирајќи дека Вашингтон по завршувањето на конфликтот можеби ќе ја преоцени својата улога во Алијансата.

Рубио за заканите од Иран: Тие се луди религиозни фанатици – Трамп ќе им го спречи сценариото за Хормускиот теснец!

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, ги коментираше растечките тензии со Иран, велејќи дека заканите на Техеран за трајна контрола на Хормускиот теснец и воведување систем за полнење нема да бидат толерирани. „Ова нема да биде дозволено“, рече Рубио, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп има голем број опции на располагање за да спречи такво сценарио.

To top