Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре ќе престојува во работна посета на Брисел, каде се очекува да оствари средби со еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Предвидена е и средба со извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права и вештини, квалитетни работни места и подготвеност Роксана Минзату.
Покрај тоа, предвидени се и повеќе средби со пратеници во Европскиот парламент, како и брифинг на министерот со претставници на земјите членки на Работната група за проширување при Советот на Европската Унија.
„Во фокусот на разговорите и активностите за време на посетата ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, натамошната динамика на пристапниот процес, како и секторската соработка со институциите на Европската Унија, како и други актуелни политички, економски и реформски прашања од заедички интерес“,соопштија од МНР.
Во рамки на посетата, Муцунски ќе учествува и на тркалезна маса „Патот кон европското проширување“, во организација на „Пријатели на Европа“.