Свет

Нацисти надвор – левичари лути на десничарската АДФ се судрија со германската полиција

Според објавите на социјалните мрежи, против младите од АфД протестирале припадници на Антифа

Основачкиот конгрес на новата младинска организација на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) во западногерманскиот Гисен денеска почна со неколку часа доцнење поради блокадите на пристапот до местото на одржување организирани од противниците на АфД.

Како што објави полицијата во Гисен, собраните противници од раните утрински часови ги блокираа патиштата што водат до салата каде што конгресот требаше да започне во 10 часот наутро.

Во текот на денот пристигнаа стотици противници на конгресот. Тие извикуваа „Нацисти надвор“.

Во еден момент дојде до конфликт меѓу учесниците на протестот и полицијата, која употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите.

Локалната клиника известува дека досега лекувала „12 лесно повредени“ демонстранти, без да прецизира за какви повреди станува збор.

Полицијата известува дека неколку полицајци биле повредени кога демонстрантите фрлале камења и шишиња кон нив.

Како што објавија медиумите, лидерите на АфД, Алис Вајдел и Тино Чрупала, пристигнале на конгресот со големо доцнење.

Некои покраински ограноци на АфД се официјално класифицирани од страна на Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок како организации со екстремно десничарски тенденции.

Новата младинска организација на АфД наречена Генерација Германија денеска треба официјално да биде основана. Претходната организација Млада алтернатива беше распуштена на почетокот на годината откако АфД се дистанцира од неа по честите обвинувања за десничарски екстремизам и за неуставни активности.

Според најновите анкети на јавното мислење, АфД е речиси изедначена со водечките христијански демократи со 26 проценти поддршка, а во некои федерални покраини на истокот од земјата, каде што изборите се одржуваат следната година, АфД е најсилната политичка сила со голема предност.

 

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека сцените на судири на маргините на основачкиот конгрес на новата младинска организација на АфД во Гисен се сè, освен пријатни.

Како што рече, тоа е конфликт меѓу крајната левица и крајната десница.

– Само удирање со тупаница по масата – така не функционира демократијата. Сакам да бидеме во политичкиот центар на нашата земја за да покажеме дека можеме да решаваме проблеми. Слободата и мирот се најважни – рече Мерц.

Во исто време, тој предупреди на фасцинацијата со авторитаризмот и истакна дека е потребно да се водат конструктивни дискусии.

Според објавите на социјалните мрежи, против младите од АфД протестирале припадници на Антифа.

Најнови вести од: Свет

Израелската војска го зазеде стратешкиот замок Бофор во Либан: Хезболах ветува жесток отпор

Израелската армија соопшти дека ја презела контролата врз стратешки важниот замок Бофор во јужен Либан, што претставува најдлабок воен продор на либанска територија во изминатите 25 години.

Бардела: Нашите европски партнери треба да престанат да купуваат американски „Ф-35“ и да почнат да купуваат „Рафал“

Бардела нагласува дека Франција треба да остане верна на нуклеарната доктрина развиена од поранешниот претседател Шарл де Гол, според која „виталните интереси на Франција не завршуваат на нејзините граници“.

Две третини од увозот на течен природен гас во Европа доаѓа од САД

Увозот на течен природен гас од САД е обично поскап од гасот што се испорачува преку цевковод, а заменувањето на зависноста од рускиот гас со голема зависност од друг единствен снабдувач би можело да ја изложи Европа на идна политичка и пазарна нестабилност

To top