САД ја оставаат отворена можноста за испраќање копнени сили во Иран, додека воздушните напади врз иранските цели влегуваат во десеттиот последователен ден. Пентагон има изработено детални сценарија за ограничени копнени операции на иранска територија, но претседателот Доналд Трамп сѐ уште не донел конечна одлука за нивно активирање.
Според текстот на „Вашингтон пост“, насловен „Пентагон се подготвува за повеќенеделни копнени операции во Иран“ и потпишан од новинарот Ден Ламот, не се подготвува целосна инвазија на Иран. Разгледуваните опции вклучуваат ограничени рации со специјални единици и конвенционална пешадија, кои би можеле да траат неколку недели.
Меѓу можните цели се споменува островот Харг – клучен центар за извоз на иранска нафта, како и операции долж брегот во близина на Ормускиот Теснец, со цел уништување на оружје кое би можело да се употреби против трговски и воени бродови.
Белата куќа тогаш истакна дека задача на Пентагон е да му обезбеди на претседателот што е можно повеќе воени опции, но дека изработката на планови не значи дека Трамп веќе одобрил копнена операција.
Темава повторно се актуализира по новата ескалација во Персискиот Залив. „Вашингтон пост“ на 20 јули објави дека американската администрација размислува за поширока војна, но дека ограничените резерви на оружје, оштетувањата на воените капацитети и тешкотиите со брзо испраќање дополнителни сили може значително да ги ограничат следните чекори.
Американски воени експерти предупредуваат дека армијата не е подготвена за подолга копнена операција во внатрешноста на Иран, каде војниците би биле изложени на ирански ракети, беспилотни летала, артилериски оган и напади врз американските бази во регионот.
„Ројтерс“, повикувајќи се на американски претставници, објави дека се разговарало и за испраќање сили на островот Харг, но дека таквата операција се смета за исклучително ризична поради можноста Иран да го напаѓа островот со ракети и дронови од копното.
„Волстрит журнал“ пишува дека Трамп размислува за проширување на воените операции, при што меѓу опциите се посилни воздушни удари, напади врз утврдени објекти и ограничено испраќање копнени сили на стратешки важни точки.
Сепак, ниту „Вашингтон пост“, ниту другите релевантни медиуми не објавија дека е донесена конечна одлука за целосна инвазија или окупација на Иран. Засега станува збор за воени сценарија што Пентагон ги подготвил како можни опции доколку претседателот Трамп одлучи дополнително да ја прошири војната.