Свет

Русија би можела да испрати нуклеарно оружје во вселената

Активирањето на такво оружје во орбитата би можело да уништи или оштети голем број сателити, што би довело до катастрофални последици за цивилниот живот на Земјата

Западните разузнавачки служби проценуваат дека Русија планира уште оваа година да лансира сателит во вселената кој носи нуклеарно оружје.
Според истражувањето на германските медиуми WDR, NDR и „Зидојче цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung), за што извести „Тагесшау“ (Tagesschau), активирањето на такво оружје во орбитата би можело да уништи или оштети голем број сателити, што би довело до катастрофални последици за цивилниот живот и воените операции на Земјата.

Сателитот би можел да биде лансиран уште во декември.

Според информациите до кои дојдоа германските новинари, западните разузнавачки служби – вклучително и германската Федерална разузнавачка служба (BND) – собрале докази дека Русија се подготвува да лансира сателит опремен со нуклеарно оружје.

Сателитот, кој наводно го носи името „Спутник-С“, е наводно завршен уште пред неколку години и се чува во пошироката област на Москва. Разузнавачките предупредувања издадени на почетокот на ноември укажуваат на тоа дека тој би можел да биде лансиран во рок од 60 дена и набргу потоа да стане оперативен.

Руската амбасада ги отфрли обвинувањата како неосновани и ги нарече дел од пропагандна кампања, нагласувајќи дека вселенските активности на Русија се исклучиво од мирољубив карактер.

Во октомври, американската воено-разузнавачка агенција (DIA) објави проценка дека Русија развива сателит наменет за носење нуклеарно оружје. Неговото поставување во орбитата би претставувало кршење на Договорот за вселената од 1967 година, кој забранува поставување нуклеарно оружје и друго оружје за масовно уништување во орбитата на Земјата.

Командантот на Вселенската команда на САД, Стивен Вајтинг, процени дека нуклеарна експлозија би можела да предизвика дефекти кај околу една третина од сателитите во ниската орбита околу Земјата, и тоа уште во првите часови или денови.

Во текот на наредните месеци, и преостанатите сателити би можеле да престанат да функционираат.

Последиците од една таква експлозија нема да бидат ограничени само на вселената.

Нуклеарна детонација би можела да создаде облак од отпадоци што би ги загрозил другите сателити, а моќен електромагнетен пулс би можел да предизвика пречки во електронските системи.

Сателитите се клучни за GPS, банкарските трансакции, телекомуникациите и функционирањето на бројни други системи. Нивното уништување сериозно би влијаело и врз воените операции, особено врз извидувањето, комуникацијата и наведувањето на оружјето.

Опасностите од нуклеарни експлозии на големи височини се познати уште од 1962 година, кога САД, во рамките на тестот „Старфиш прајм“ (Starfish Prime), детонираа нуклеарна бомба на височина од околу 400 километри над Тихиот Океан.

Експлозијата предизвика силен блесок, ги поремети уличното осветлување и телекомуникациите на Хаваите, а оштети и неколку сателити.

Денес, во Земјината орбита има повеќе од десет илјади активни сателити, па затоа последиците од слична експлозија би можеле да бидат многу посериозни.

Најнови вести од: Свет

Речиси половина од Германците се за укинување на помошта за Украина

Дури 49 отсто, сакаат да се намали или целосно да се укине помошта за Украина, покажуваат резултатите од анкетата што денеска ги објави агенцијата за истражување на јавното мислење „Југов“, спроведена за германскиот неделник „Велт ам Зонтаг“

Трамп објави кои му се пријатели!

Истовремено објави две фотографии — на едната се прикажани Јосиф Сталин, Френклин Делано Рузвелт и Винстон Черчил како седат на веранда, а на другата се Путин, Си и Трамп како позираат стоејќи — и пропратен со натписот: „Големите сили — 1945, 2026“

Aмериканските технолошки акции потонаа – најлоша недела од кризата со Kовид-19

Инвеститорите повеќе не предвидуваат целосно зголемување од четвртина поен на состанокот на Федералните резерви во декември, неколку дена откако гувернерот Кристофер Волер шпекулираше дека централната банка би можела да испорача џамбо зголемување од 0,5 процентни поени.

To top