Свет

Рос: Разликите и внатрешниот расцеп се опасност Европа и ЕУ да бидат парализирани во донесувањето одлуки во клучни моменти!

„На европскиот индустриски собир на врвот Антверпен минатата седмица присуствуваа  стотици европски индустријалци и врвни владини претставници. На овој самит, одржан под покровителство на белгискиот премиер Барт де Вевер, повторно се пројави неколкугодишниот расцеп во ЕУ. Мислењата се поделени по централното прашање: што подразбира, всушност, европскиот стратегиски суверенитет и како може да се постигне? Разидувањата во погледите и околу тактиките на дејствување се опасност да се предизвика поделба во Европа и Европската унија, која ќе го парализира европското донесување одлуки во клучен момент.“ – предупредува Грегоар Рос, директор за програмите за Европа, Русија и Евроазија во „Чатам хаус“ – Меѓународниот институт за меѓународни односи  од Лондон, светски влијателна невладина истражувачка организација. Грегоар Рос е и геополитички аналитичар, експерт за европска политика и независен истражувач во Школата за меѓународна и јавна политика на Универзитетот Колумбија во САД.

Во својата анализа со наслов „Интеграција, или дерегулација? Расцеп во Европа околу тоа како да се постигне суверенитет“, покрај другото, Рос пишува: Од едната страна стои интеграционистичкиот табор на оние, кои сметаат дека суверенитетот е барање подлабока интеграција: заедничка индустриска политика, координирани фискални инструменти, заедничко задолжување каде што е потребно и посилен регулаторен капацитет (повеќе закони и прописи – л.заб.) на ниво на ЕУ. Во овој табор е вклучен и францускиот претседател Емануел Макрон.

Интеграционистичкиот табор го дефинира стратегискиот суверенитет како „способност за колективно дејствување во непријателски свет“. Во услови на американско-кинеско соперништво и нестабилни синџири на снабдување  ниедна земја-членка на ЕУ – дури ни Германија или Франција – не може сама да обезбеди технолошка независност, енергетска отпорност или доверба во одбраната. Затоа, според нив, одговорот мора да биде транснационален (заеднички на државите – л.заб.): здружени набавки, заедничко финансирање на истражување и развој, координирана индустриска политика и, што е клучно, фискални инструменти способни да се споредат со американското или кинеското ниво.

Наспроти „интервенционистичкиот табор“ стои „таборот за дерегулаторен раст“ (без многу правила, прописи и ограничувања – л.заб.). Во овој втор табор се лидери како белгискиот премиер Де Вевер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Ѓорѓа Мелони, кои тврдат дека слабоста на Европа не произлегува од недоволна централизација, туку од прекумерна регулација и слаб пораст. Тие се залагаат и за намалување на бирократскиот товар, враќање на конкурентноста, ослободување на приватните инвестиции. Според застапниците на „таборот за дерегулација“ тогаш ќе уследи самостојноста на Европа.

Разидувањата во погледите  меѓу двата европски табора околу тактиките на дејствување е опасност да се предизвика поделба во Европа и Европската унија, која ќе го парализира европското донесување одлуки во клучен момент.  Опасноста да се случи формално „пукање“ на институциите на ЕУ останува ниска. Во ЕУ различноста во мислењата била отекогаш правило, а не исклучок. Подлабоката опасност е посуптилна. Поделбата во ЕУ може да се случи не преку формално отцепување, или раскинување на договорите, туку преку неповрзаност на политиките: преклопувачки иницијативи, недоволно финансирани амбиции и различни национални стратегии, кои се пласираат како европски суверенитет.

Вистинската линија на расцепот можеби не лежи помеѓу „повеќе Европа“ и „помалку Европа“, туку помеѓу проактивна и реактивна Европа. Интеграционистичкиот табор се стреми да предвиди геополитички промени преку колективни инструменти. Таборот за дерегулација прво се стреми да ја врати внатрешната виталност, верувајќи дека силата ќе се претвори во влијание. Надворешните притисоци се забрзуваат. Ако внатрешните расправи ја одложат конкретната акција, тогаш Европа ќе се најде во опасност да остане стратегиски маргинализирана,без оглед на тоа кој табор „ќе победи“. 

Гледајќи напред, најверодостојното сценарио не е поделба, туку договоренo поврзување во една целина. Поедноставувањето на регулативата, прописите во одредени сектори, заедно со подлабока интеграција во одбраната, критичните технологии и енергетската инфраструктура, би можело да ги усогласи двете визии, двата табора.

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Свет

To top