Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД би можеле заеднички со Иран да работат на обезбедување на поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина.
– Размислуваме да го направиме тоа како заеднички проект- изјави Трамп за Еј-Би-Си Њуз, додавајќи дека тоа е начин да се обезбеди преминот „и од други закани“, без да наведе дополнителни детали.
САД и Иран во текот на ноќта постигнаа двонеделен прекин на огнот, при што Техеран се согласи привремено да ја отвори Ормуската Теснина под одредени услови.
Иран и натаму ја задржува контролата врз поморскиот сообраќај низ овој клучен премин за глобалната трговија со нафта и гас.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека безбеден премин ќе биде можен во рок од две недели, во координација со вооружените сили и „со должно внимание на техничките ограничувања“.
Во меѓувреме, сервисот за следење бродови „МаринТрафик“ објави дека сообраќајот низ Ормуската Теснина повторно се зголемува.