Свет

Тројца научници ја добија Нобеловата награда за медицина

Одликувањето им е доделено за откритијата во областа на периферната имунолошка толеранција, кои отвораат можности за потенцијални нови третмани за автоимуни болести и рак

Американските научници Мери Брунков, Фред Рамсдел и Шимон Сакагучи се добитници на Нобеловата награда за физиологија или медицина за 2025 година, објави „Ројтерс“.

Одликувањето им е доделено за откритијата во областа на периферната имунолошка толеранција, кои отвораат можности за потенцијални нови третмани за автоимуни болести и рак.

Добитниците во областа на медицината ги избира Нобеловиот комитет од Институтот Каролинска во Шведска и добиваат награда од 11 милиони шведски круни (1,2 милиони долари), како и златен медал што го доделува кралот на Шведска.

Брунков е виш програмски менаџер во Институтот за системска биологија во Сиетл, а Рамсдел е научен советник во Сонома Биотерапевтикс во Сан Франциско, чиј ко-основач е Сакагучи кој е и професор на Универзитетот во Осака, Јапонија.

„Овие откритија поставија темели за ново поле на истражување и го поттикнаа развојот на нови третмани, на пример за рак и автоимуни болести“, се вели во соопштението за доделената награда.

Нобеловите награди се основани од наследството на Швеѓанецот Алфред Нобел – пронаоѓачот на динамитот и богат бизнисмен.

Тие се доделуваат од 1901 година за исклучителен придонес во науката, литературата и мирот…

Со доделување на наградата за медицина, согласно со традицијата, започна доделувањето на овогодишните Нобелови награди, најпрестижните признанија во областа на науката, литературата, мирот и економијата, а другите ќе бидат објавени во наредните денови.

Најнови вести од: Свет

Бугарската „Кралица на трепките“ и нејзиниот соработник пуштени на слобода по затворските казни за шпионажа за Русија

Британските медиуми наведуваат дека двајцата биле ослободени согласно законските правила, по издржување на задолжителниот дел од казната, по што веднаш биле депортирани од Обединетото Кралство.

To top