Свет

Украина бесна на Вуди Ален за онлајн настапот на Московската филмска недела

Според медиумите во Русија, повеќекратниот оскаровец рекол дека отсекогаш му се допаѓала руската кинематографија

Украина остро го критикуваше онлајн појавувањето на американскиот филмски режисер Вуди Ален на Московската меѓународна филмска недела.

„Учеството на Вуди Ален на Московската меѓународна филмска недела е срам и навреда за жртвите на украинските актери и филмски работници кои беа убиени или повредени од руски воени злосторници во тековната војна против Украина“, напиша Министерството за надворешни работи во Киев на социјалните мрежи.

„Ален реши да ги затвори очите пред злосторствата што Русија ги извршува во Украина секој ден веќе 11 години“, се вели во реакцијата, осврнувајќи се на руската анексија на Крим и дестабилизацијата на источна Украина во 2014 година.

Културата не смее да се користи за прикривање на злосторства или да служи како алатка за пропаганда, додаде Министерството.

Ален беше поканет да даде интервју преку видео врска на фестивалот во неделата, а настанот го модерираше режисерот и актер Фјодор Бондарчук, кој е на западната листа на санкции поради неговата поддршка на војната против Украина.

За време на интервјуто, Ален наводно го изразил своето восхитување кон таткото на Фјодор, режисерот Сергеј Бондарчук.

„Отсекогаш ми се допаѓала руската кинематографија“, рекол Ален, според московските медиуми.

Режисерот Вуди Ален (89), повеќекратен добитник на Оскар го избегнал прашањето дали сака да снима во Русија и се воздржал од политички коментари.

За британски „Гардијан“ тој одговори на критиките од украинското МНР.

„Кога станува збор за конфликтот во Украина, цврсто верувам дека Владимир Путин апсолутно греши. Војната што ја предизвика е ужасна. Но, без разлика што прават политичарите, не мислам дека запирањето на уметничките разговори е некогаш добар начин да се помогне“, изјави американскиот режисер.

Најнови вести од: Свет

Премиерот на Канада до Трамп за преименувањето на езерото Онтарио во „Америка“: Своето име го носи 400 години пред да настанат САД!

Канадскиот премиер Марк Карни се огласи откако американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука езерото Онтарио да го преименува во „Езеро Америка“.

Најмалку 547 мртви во поплавите во Непал и Тибет

Во катастрофалните поплави и лизгања на земјиштето во Непал и Тибет животот го загубија најмалку 547 лица. Повеќе од 1.400 лица сè уште се водат како исчезнати, вклучувајќи стотици странски државјани, пренесуваат агенциите, повикувајќи се на непалските и кинеските власти.

To top