Свет

Виткоф во Москва: На маса црвените линии и компромис во преговорите за Донбас и Крим

Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, се очекува денеска во Москва на разговори за интензивирање на напорите за прекин на војната во Украина, што трае повеќе од три и пол години, јави германската агенција ДПА.

Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, се очекува денеска во Москва на разговори за интензивирање на напорите за прекин на војната во Украина, што трае повеќе од три и пол години, јави германската агенција ДПА. Оваа посета доаѓа во контекст на забрзување на преговорите поддржани од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, чија цел е да се постигне траен мировен договор.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Виткоф треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин попладне, пренесоа руските медиуми вчера. Трамп претходно го најави патувањето на пратеникот, но не откри дополнителни детали за агендата на средбите.

Оваа посета следи веднаш по состанокот во Флорида (на 30 ноември 2025) меѓу американската делегација, предводена од Виткоф, секретарот за држава Марко Рубио и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, со украинската делегација предводена од секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров. Учесниците оценија дека разговорите биле „многу продуктивни“, со постигнат напредок во клучни области, но нагласија дека остануваат „комплицирани прашања“ кои бараат дополнителна работа. Украинската страна инсистира на обезбедување на „најдоверливи безбедносни гаранции“ и зачувување на суверенитетот, додека САД се отворени за ревизија на контроверзните елементи.

Фокусот на преговорите е ставен на предлогот за мировен план со 28 точки, поддржан од САД, кој вклучува размена на територии, статус на Донбас и Крим, неутрален статус за Украина и други мерки за стабилизација. Овој план, од почеток критикуван од многу набљудувачи како „руска листа на желби“ поради попустливоста кон московските барања, веќе претрпел измени по консултации со европските партнери и Украина. Всушност, во Женева неодамна е договорен „ажуриран и рафиниран мировен рамковен документ“, но неколку точки, вклучително и територијалните отстапки и безбедносните гаранции, сè уште се спорни. Европските сојузници, предводени од шефицата на европската дипломатија Каја Калас, изразуваат загриженост дека планот би можел да ги притисне Украинците кон непотребни отстапки, и бараат поголема вклученост на ЕУ во процесот.

Русија, од своја страна, сигнализира отвореност за „сериозни дискусии“, но инсистира на признавање на контролата врз 19% од украинската територија (околу 115.600 квадратни километри) и на барањата за демилитаризација и неутралност на Украина. Кремљ го опишува американскиот предлог како „потенцијална основа за идни договори“, но одбива да ги открие своите црвени линии пред средбата, нагласувајќи дека „мегафонската дипломатија“ не е продуктивна.

Оваа посета на Виткоф – неговата шеста во Москва од јануари 2025 – претставува клучен момент во дипломатските напори на Трамп, кој војната ја опишува како „крвава банја“ и „заменска војна“. Додека САД вршат притисок врз сите страни за компромис, прашањето останува дали Путин ќе се согласи на компромис или ќе продолжи со воените напредоци, кои во 2025 се забрзани на највисоко ниво од 2022 година. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој вчера се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, ја искористи можноста да ги зајакне врските со Европа и да нагласи дека конечните одлуки мора да ги донесе Киев.

Најнови вести од: Свет

Македонското знаме се развеа на ЗОИ 26 во Италија: оптимизам во МОК и меѓу нашите олимпијци за добри резултати од настапите (Видео)

Четворица спортисти ја претставуваат Република Македонија на Зимските олимписки игри 2026 во Италија. Јана Атанасовска е најмладата македонска натпреварувачка и рекордерка во алпско скијање. Ставре Јада е најискусен член на македонскиот олимписки тим, кому ова му е трето учество на Зимски олимписки игри, по настапите на Олимпијадата во 2018 година во Пјонг Чанг, во Јужна Кореја, и на Олимпијадата во 2022 година во Пекинг, во Кина. По настапот на претходната Олимпијада во Пекинг Ана Цветановска повторно ќе ја претставува Македонија во истите нордиски дисциплини. Четвртиот наш натпреварувач е Виктор Петков, кој последен влезе во државниот олимписки тим. Честа да го носат македонското државно знаме на вчерашната официјалната церемонија на отворањето на ЗОИ 2026 ја имаа Атанасовска и Јада.

80-годишен Италијанец под сомнение за учество во „снајперски туризам“ во Сараево

Покренувањето на истрагата во ноември 2025 година предизвика реакции кај преживеаните од опсадата и нивните семејства, кои изразија надеж дека ќе се утврдат одговорностите и ќе се изведат пред правдата лицата вклучени во овие наводни злосторства, дури и по три децении.

Трамп свикува голем состанок за „клучните минерали“

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп денеска во Вашингтон организира голем состанок на високо ниво, познат како Critical Minerals Ministerial, на кој присуствуваат министри и претставници од Европската Унија, како и од десетици други земји, за да се разговара за критичните минерали – суровините што се неопходни за високотехнолошката индустрија, одбраната и енергетската транзиција.

To top