Охридското езеро денеска порибено со 100 илјади единки охридска пастрмка – во 2027 со уште 1 милион и 550 илјади
Охридското Езеро денеска ќе биде порибено со сто илјади млади единки охридска пастрмка со просечна тежина од 4,2 грама, со што ќе биде заокружено порибувањето за оваа година – соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски при посетата на Хидробиолошкиот институт во Охрид. Тој оцени дека досегашните резултати во обновувањето на охридската пастрмка се повеќе од задоволителни. Во август и септември, како што посочи, сите риболовни зони на езерото биле порибени со вкупно 6,5 тони одгледан подмладок, што е за 1,6 тони повеќе од првично планираните 4,9 тони.