Македонската фудбалска репрезентација утревечер го игра завршниот, шести меч од групната фаза во Лигата Б од Лигата на нациите, каде противник ќе биде селекцијата на Словенија. На денешната прес-конференција, селекторот Гоце Седлоски потврди дека атмосферата во тимот е на завидно ниво и дека фудбалерите се во добра здравствена состојба, а единствена дилема останува настапот на Димитар Митровски.
Истакнувајќи го борбениот дух што тимот го демонстрираше на претходното гостување во Глазгов, Седлоски нагласи дека сега е момент за похрабар пристап.
– Мора да тргнеме поофанзивно од претходните дуели. Создаваме шанси, а кога на вакви дуели креирате по две-три шанси – треба да ги искористите. Словенија е компактна селекција и излегува моќно од дефанзива, но верувам дека со карактер можеме да дојдеме до трите бода. За составот ќе одлучам после официјалниот тренинг, порача Седлоски.
Натпреварот ќе се игра на 16 ноември на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток во 20:45 часот.