Мелбурн официјално ѝ се извини на македонската заедница во Австралија поради забраната за истакнување на знамето со сонцето од Кутлеш на овогодишната парада на фестивалот Мумба (Moomba). Истовремено, за 2027, македонската заедница е поканета да учествува на манифестацијата со користење и на ова знаме, објавија грчки медиуми. Градските власти заклучиле дека иако вработените постапиле со добра намера и со цел да ја гарантираат безбедноста, процесот на донесување на одлуката не ги исполнил очекувањата на заедницата и имал значително, ненамерно негативно влијание врз Македонците во Мелбурн.
Според извештајот на австралискиот јавен сервис Еј-би-си (ABC), одлуката на градските власти претходно годинава да не дозволат истакнување културни и регионални знамиња на парадата ја натерала Федерацијата на македонските културно-уметнички друштва во Викторија (FOMKUD) да се повлече од учеството. Организаторите не им дозволиле на учесниците да го носат знамето со сонцето од Кутлеш.
Поради тоа, околу 80 млади Македонци не учествувале на парадата во 2026 година, иако со месеци се подготвувале за настапот, вежбале и ги подготвувале традиционалните носии. Претставниците на заедницата рекле дека забраната предизвикала разочарување и чувство на исклученост кај децата и нивните семејства.
Во вчерашното писмо со извинување, градските власти на Мелбурн признале дека со нивната одлука многу учесници, семејства и претставници на македонската заедница почувствувале дека нивниот културен идентитет и наследство не биле почитувани или правилно разбрани. Градот заклучил дека не биле почитувани принципите на човековите права при донесувањето одлуки, обука на вработените, постапувањето по жалби и правилата за учество на парадата. Според „Неос Космос“, градските власти потврдиле дека ќе работат на спроведувањето на препораките пред фестивалот во 2027 година.
- „Ја поздравуваме македонската австралиска заедница да учествува на парадата Мумба во 2027 година, вклучително и со истакнување на знамето со сонцето од Кутлеш“, се наведува во поканата на градот, пренесена од медиумите.
Извинувањето и поканата ги поздравија Федерацијата на македонските културно-уметнички друштва во Викторија, Советот на македонските заедници во Австралија и други организации и претставници на македонската заедница. Во заедничка реакција тие изразиле благодарност до градските власти за независната процена, прифаќањето на препораките и признавањето на последиците од забраната врз младите учесници.
Генералниот секретар на ФОМКУД, Стој Јовевски, за Еј-би-си изјавил дека заедницата со олеснување ја примила одлуката и додаде дека знамето за нив не претставува политичка порака, туку симбол на заедничкиот идентитет, јазик, култура и традиција.
Но, одлуката на Мелбурн предизвика негативни реакции кај дел од грчката заедница во Австралија. Панмакедонското здружение на Мелбурн и Викторија се спротивстави на начинот на кој градските власти ја донеле одлуката, тврдејќи дека претставниците на грчките Македонци не биле консултирани.
Претседателот на здружението, Питер Стефанидис, за Еј-би-си изјавил дека се незадоволни затоа што, како што тврди, воопшто не биле прашани за прашање што го сметаат за важно за нивниот идентитет и културно наследство. Здружението најавило дека ќе се обрати до надлежните институции.
Симболот, сонцето од Кутлеш, е дел од спорот меѓу Грција и Македонија, особено по неговото усвојување како државно знаме по независноста на земјата во 1991 година, по што следуваше и промена на знамето во 1995 година.
Грчките организации го сметаат симболот за дел од античкото македонско грчко наследство, додека дел од Македонците го користат како израз на поширокиот македонски културен идентитет.