Свет

Зеленски чека покана од САД, Трамп покани друг

Рускиот претседател изјави дека американскиот колега, за време на престојот во Шенжен, ја повторил поканата тој да присуствува на самитот на Г20 во Мајами

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сè уште не добил покана од Соединетите Американски Држави за самитот на Г20 во Флорида во декември.

Тој изрази надеж дека претседателот Доналд Трамп ќе ја покани Украина како близок сојузник.

„Сметаме на тоа“, изјави Зеленски за новинарите во Берлин во четврток, објави ДПА.

Зеленски рече дека има сигнали од другите членки на Г20 дека би сакале Украина да учествува.

„Ако бидам поканет, секако, ќе ја претставувам мојата земја, мојот народ. Ако не, тогаш не“, рече Зеленски по состанокот на „Коалицијата на волните“ во Берлин.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Доналд Трамп, за време на престојот во Шенжен, ја повторил поканата тој да присуствува на самитот на Г20 во Мајами.

Путин напомена дека сè уште нема донесено конечна одлука во врска со патувањето во САД, иако руска делегација секако ќе биде присутна.

„Да, разговаравме за тоа. Многу сум му благодарен на претседателот Трамп за поканата. Тој повторно го покрена прашањето за време на нашите билатерални средби – како за време на официјалната билатерална средба, така и по завршувањето на трилатералните разговори. Пред сè, морам да ја земам предвид ситуацијата во земјата“, им рече Путин на новинарите.

Тој нагласи дека честите патувања во странство не му се секогаш погодни.

„Во секој случај, многу сум му благодарен на Доналд за поканата“, додаде тој.

Според него, Русија ќе биде претставена на самитот на високо ниво, без оглед на тоа дали тој лично ќе присуствува.

Најнови вести од: Свет

To top