Обединетите нации се соочуваат со ситуација без преседан бидејќи постои ризик од 1 јануари 2027 година организацијата да остане без генерален секретар, бидејќи Советот за безбедност сè уште нема постигнато договор за наследник на Антонио Гутереш.
Мандатот на актуелниот челник на оваа глобална организација истекува на 31 декември, а досегашните осум круга на гласање не резултираа со избор на кандидат, пренесува Ројтерс.
Се очекува Советот за безбедност уште оваа недела да спроведе ново тајно гласање; сепак, петте постојани членки кои имаат право на вето – САД, Русија, Кина, Франција и Обединетото Кралство – сè уште не можат да постигнат консензус.
Претставници на ОН веќе разговараат за планови за вонредни ситуации, во случај организацијата да ја дочека новата година без избран генерален секретар.
Ваквото сценарио би било без преседан во историјата на оваа глобална организација. Досега, ниту еден генерален секретар не го завршил својот мандат без претходно да биде одреден негов наследник.
Според аналитичарите, овој долготраен процес укажува на сè подлабоките поделби меѓу големите сили и нивната неспособност да постигнат компромиси за клучните меѓународни прашања.
За споредба, во 2016 година, на Советот за безбедност му беа потребни шест круга на гласање за да постигне консензус околу кандидатурата на Антонио Гутереш.
Меѓу кандидатите за оваа функција се Ребека Гринспан, која се смета за еден од главните фаворити, како и Лана Нусеибе, високорангиран дипломат од Обединетите Арапски Емирати.