Македонија

Епископ на МПЦ-ОА контра идеолошка злоупотреба на насилството врз жените

Поддршка за заштита на жртвите, но отпор кон „идеолошкиот пакет“

Епископот Стобиски г. Јаков (световно: Мирослав Милчевски), викарен епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во нова колумна објавена на Плусинфо остро ги критикуваше трите невладини мрежи — Мрежата за заштита од дискриминација, Националната мрежа за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Платформата за родова еднаквост — обвинувајќи ги дека трагедиите со семејното насилство ги користат за протуркување идеолошки и образовни агенди.

Колумната доаѓа по барањата што овие организации ги упатија до институциите на 18 ноември, во пресрет на меѓународната кампања против насилството врз жените.

Во своето обраќање, Епископот Јаков нагласува дека дава безусловна поддршка за сите барања кои се однесуваат на поефикасна заштита на жртвите, построги казни за насилниците, зголемување на буџетот за специјализирани услуги (најмалку 200 милиони денари за 2027 година) и утврдување индивидуална и институционална одговорност за пропустите на полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа.

Сепак, тој силно се спротивставува на петтото барање на невладиниот сектор, со кое се инсистира на повлекување на законските измени во образованието од 2025 година и враќање на родовата терминологија и сеопфатното сексуално образование.

„Нема никаква контрадикторност во тоа човек да биде бескомпромисен противник на семејното насилство и истовремено бескомпромисен критичар на родовата теорија. Контрадикторноста се создава тогаш кога некој инсистира дека првото е невозможно без прифаќање на второто“, пишува Епископот Јаков.

Епископот прашува кое криминолошко истражување или институционална анализа покажала дека последните трагични случаи на насилство врз жени се директна последица од отстранувањето на поимите за родов идентитет од Законот за основното образование. Тој ги повикува организациите на интелектуална чесност, наведувајќи дека заштитата на животот на жената не смее да биде претставена како „идеолошки пакет-аранжман“.

Во текстот се прави и ретроспектива на дејствувањето на граѓанскиот сектор од 2009 година наваму, со посебен акцент на периодот по т.н. Шарена револуција.

Според авторот активистите од овие мрежи преземале значајни државни функции без директен изборен мандат, при што како пример ја наведува поранешната министерка Мила Царовска.

Според анализата нивните проектни агенди биле преточени во низа закони и образовни реформи, кои Епископот ги оценува како „идеолошки оптоварено законодавство и образовни експерименти врз македонските деца“.

И покрај промените на политичките гарнитури низ годините, овие организации успеале да одржат континуитет на институционално влијание и значителни финансиски ресурси.

,,Според ретроспективната финансиска анализа за периодот 2009–2026 година, дваесет и седум до триесет организации од овие три невладини мрежи располагале со проценет кумулативен нето-прилив од речиси 65 милиони евра. Седумнаесет години институционален континуитет, милионски буџети, непосредно учество во креирањето закони, стратегии и образовни програми, кадровско присуство во министерствата и државните комисии – а денес настапувате како да сте немоќни набљудувачи на состојбите во државата, за кои одговорноста ја барате исклучиво кај другите.

Се чудам како овој напатен народ сè уште има трпение да ве гледа како му ги блокирате улиците и создавате неред пред институциите на сопствената држава! Но уште почудно ми е како, по сè што се случуваше, одредени државни функционери повторно ви ги отвораат вратите на истите тие институции и ви доверуваат советодавна улога во креирањето на јавните политики.

Со кое морално право се амнестирате себеси од одговорноста за состојбите во системот во чие обликување толку долго и толку непосредно учествувавте? Ако законодавството што го креиравте и политиките што ги промовиравте навистина се толку ефикасни во спречувањето на насилството, каде се резултатите? И зошто секој трагичен исход повторно го претворате во аргумент за дополнително институционализирање на истата идеологија, наместо во повод за преиспитување на сопствените политики? Прашањата се реторички, но одговорноста е сосема реална”, пишува отецот.

Целосната колумна е објавена на порталот Плусинфо.

Најнови вести од: Македонија

To top