Некогашниот вицепремиер и министер за здравство Имер Селмани и експратеникот Илија Димовски не очекуваат предвремени парламентарни избори, и покрај повиците од ДУИ.
„Од врвен приоритет е државата да не влезе во избори во кои што само за да има избори, да се направат и да се организираат тие избори. Не се потребни, да бидеме реални, сите ние што имаме малку повеќе политичко искуство, ниту на власта ниту на опозицијата не им одговараат предвремени избори, туку им одговараат исклучиво редовни избори, и во македонскиот, и во албанскиот политички кампус“, изјави поранешниот претседателски кандидат Селмани во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
„Дебатата што ја имавме во овие половина година зад нас дали ќе има избори напролет, дали ќе нема, треба да ја привршиме. Да констатираме дека очигледни се пораките и од ВЛЕН и од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да има предвремени избори следната пролет и дека државата првпат по подолго време ќе оди на редовни избори во 2028 година. Како тоа ќе го искористи македонскиот дел од опозицијата ќе видиме“, додаде бившиот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Димовски.