Грчкиот бизнисмен со еврејско потекло Авраам-Минос Мојсис, член на управниот одбор на одбранбената компанија „Интраком дифенс“, наводно бил цел на планиран атентат.
Според неофицијални информации, атентатот го подготвувала криминална мрежа поврзана со ирански структури, која била откриена во заедничка операција на македонските и грчките безбедносни служби.
Неговото име прв го објавил албанскиот медиум „Топ чанел“, по што информацијата ја пренеле и повеќе грчки медиуми, меѓу кои и угледниот „Катимерини“.
Според достапните неофицијални податоци, Мојсис бил избран за потенцијална цел поради неговата поврзаност со грчката одбранбена индустрија, како и со израелската компанија „Израел аероспејс индустрис“, која ја презела „Интраком дифенс“.
Сепак, надлежните институции сè уште официјално не потврдиле дека токму тој бил планираната жртва.

Македонската Агенција за национална безбедност на 17 ноември соопшти дека во соработка со грчките служби била разбиена мрежа која подготвувала терористички напад или атентат врз лице во Грција.
Според истрагата, групата дејствувала под директни инструкции на иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех, а биле утврдени и врски со криминални структури, вклучително и со иранскиот криминален бос Наџи Шарифи Зиндашти.
Во рамките на операцијата биле приведени пет лица, додека по уште еден осомничен се трага. При претресите истражителите пронашле оружје, муниција, белешки и скица со означена локација, кои се предмет на понатамошна анализа.
Дополнителна неизвесност околу идентитетот на потенцијалната жртва внесе и изјавата на портпаролката на грчката полиција Константија Димоглиду, која за државната телевизија ЕРТ изјавила дека полицијата не располага со потврден идентитет на конкретната цел.
Мојсис претходно бил претседател на Еврејската заедница во Атина, а од јануари 2025 година е неизвршен член на управниот одбор на „Интраком дифенс“.
Истрагата е во тек, а се очекува дополнителната анализа на доказите да покаже каква точно операција била подготвувана и кој требало да биде нејзината цел.