Македонија

Анкета: Дури 86% од граѓаните во Македонија се религиозни

Околу 70 отсто од граѓаните се изјасниле како припадници на православната вера, 26 отсто на исламот, додека процентот на атеисти е нешто под два отсто

woman hand lighting candles in a church

Довербата на граѓаните во верските организации во Македонија бележи раст, а религиозноста на населението останува на високо ниво.

Ова го покажуваат резултатите од најновото истражување на јавното мислење спроведено од Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС), во соработка со Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) и порталот Религија.мк.

Според истражувањето, повеќе од 76 отсто од испитаниците имаат доверба во верските организации во земјава, што претставува зголемување од три процентни поени во споредба со минатогодишното мерење.

Религискиот барометар покажува дека религиската структура на населението останува речиси непроменета. Околу 70 отсто од граѓаните се изјасниле како припадници на православната вера, 26 отсто на исламот, додека процентот на атеисти е нешто под два отсто. Припадниците на останатите вероисповеди сочинуваат нешто повеќе од еден процент.

Дополнително, 86 отсто од испитаниците за себе велат дека се религиозни или донекаде религиозни, што ја потврдува високата застапеност на религиозноста во македонското општество.

Резултатите покажуваат дека граѓаните генерално имаат позитивен однос кон припадниците на другите верски заедници.

Повеќе од 75 отсто од анкетираните изразиле позитивен или донекаде позитивен став кон припадниците на другите религии, објави Религија.мк.

Најнови вести од: Македонија

To top