Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември годинава изнесувала 49.141 денар и бележи зголемување од 8,1% во споредба со истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика. Реалниот раст на просечната нето плата, пак изнесувал 5,2%. На ниво на целата економија, септемвриската нето-плата била повисока за 408 денари во однос на август и за 3.675 денари во однос на септември лани. И натаму на врвот на листата на исплатени плати се наоѓа ИТ секторот со просек од 88.787 денари, а на дното се сместувањето и услужните дејности со храна со 35.447 денари или највисоката просечна плата во земјава е два и пол пати повисока од најниската. Изразено во бројки тоа е разлика од 53.340 денари.
Втор просек на нето плата го има финансискиот и осигурителниот сектор од 64.809 денари, а трет највисок просек на нето плата има рударството од 59.586 денари. Втора најниска просечна плата има во земјоделството од 38.534 денари , а трети се платите во секторот административни и помошни услуги каде што просекот е 39.693 денари. Државниот просек од 49.141 денар го земаат вработените во образованието каде што просечната нето плата изнесува 48.946 денари.
Според Статистика, зголемувањето на просечната нето-плата се должи на повисоките исплатени плати во секторот „снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината“, каде што е забележан раст од 11,6%.
Раст на платите е регистриран и во секторот „административни и помошни услужни дејности за 10,6%, како и во „трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли“ за 10%. Во споредба со август, зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата е забележано во секторите „рударство и вадење камен“ за 6%, „преработувачка индустрија“ за 3% и „јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување“ за 2,5%. Просечната бруто-плата по вработен во септември изнесувала 73.940 денари.