Бизнис

Kомерцијална банка влегува во трката за Aлта банка – донесена одлука за учество на берзанската аукција

Комерцијална банка повторно покажува интерес за битолската банка, откако претходно се обиде да ја преземе, но не успеа да обезбеди доволна поддршка од акционерите.

Комерцијална банка АД Скопје донесе одлука да учествува на јавната берзанска аукција на која ќе се продава доминантниот пакет акции на Алта банка АД Битола, поранешна Стопанска банка Битола. Одлуката ја донел Надзорниот одбор на Комерцијална банка на седницата одржана денеска, 19 ноември, а банката ја објави информацијата преку Македонската берза, согласно Правилата за котација. Со ова Комерцијална банка повторно покажува интерес за битолската банка, откако претходно се обиде да ја преземе, но не успеа да обезбеди доволна поддршка од акционерите.

Во септември 2023 година Комерцијална банка објави дека ја разгледува можноста за присоединување на Стопанска банка Битола. Потоа, во август 2024 година, објави понуда за преземање на сите 390.977 обични акции по цена од 3.200 денари за акција, односно вкупно околу 20,3 милиони евра. Понудата ја прифатија акционери кои поседувале 176.154 акции, или 45,05 отсто од акциите со право на глас. Тоа не беше доволно за реализација на преземањето, за кое беше потребно да се обезбеди согласност од акционери со најмалку 67 отсто плус една акција.

Во меѓувреме, Стопанска банка Битола ја презеде српската Алта банка, по спроведената постапка за аквизиција во 2025 година, по што банката го промени името во Алта банка АД. Сега предмет на продажба се 372.742 обични акции, односно 95,336 отсто од вкупниот број акции на Алта банка Битола. Акциите се во сопственост на Алта банка АД Белград, која е во стечај.

Според објавата на Народната банка во „Службен весник“, првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година, а почетната цена е 3.777 денари за една акција. Продажбата ќе се спроведе по моделот „сè или ништо“, што значи дека заинтересираниот купувач мора да го преземе целиот понуден пакет, а не само дел од акциите. Доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, следните ќе се одржат на 1, 2, 3, 4 и 7 декември. На секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10 отсто во однос на цената од претходната аукција. Право на учество ќе имаат само заинтересирани лица кои претходно добиле согласност од Извршниот одбор на Народната банка за исполнување на условите за стекнување квалификувано учество во банка.

Заинтересираните инвеститори треба најдоцна до денеска, 19 ноември, да достават барање со потребната документација до Народната банка, како и писмена изјава дека ќе ги уплатат парите за купување на акциите во предвидениот рок. Плаќањето на акциите е во готово, а порамнувањето треба да се изврши во рок од два работни дена од склучувањето на трансакцијата.

Најнови вести од: Бизнис

Николоски пред Јапонската надоврешна трговска организација: Македонија нуди најдобри услови за инвестирање од регионот

На средбата истакна дека очекува продлабочување на односите меѓу двете земји, како во поглед на трговската размена, така и во поглед на инвестициите и другите форми на економска соработка.

Нови 735.000 евра од унгарскиот кредит ставени на располагање на домашните компании

Нови 735.000 евра се префрлени од Централниот буџет кон Развојната банка за поддршка на инвестиции коишто ги реализираат домашните компании, информираа од Министерството за финансии.

Европската бизнис-асоцијација ги поврза студентите со бизнис-приказните – Глобална недела на претприемништвото

Студенти од економските факултети при УКИМ, УГД и ЈИЕУ имаа можност да разговараат со претставници на компании од различни сектори за препознавањето на потребите на пазарот, започнувањето сопствен бизнис и вештините потребни за негов развој.

To top