Регион

Таткото Милорад, го (на)мести синот Игор Додик за премиер

Синот сега има задача да формира нова влада на ентитетот и да предложи министри

Игор Додик, син на Милорад Додик – лидер на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) – е предложен за нов премиер на Република Српска, еден од двата ентитета во Босна и Херцеговина.

Одлуката денеска во Бања Лука ја соопшти претседателот на Република Српска, Саво Миниќ, по консултациите со претставници на партиите од владејачката коалиција. Игор Додик моментално ја извршува функцијата организациски секретар на СНСД.

Претходно денеска, Миниќ разговараше со претставници на владејачките партии, меѓу кои и СНСД на Милорад Додик. По завршувањето на овие консултации, тој на прес-конференција го објави името на новиот мандатар за состав на влада.

Игор Додик сега има задача да формира нова влада на ентитетот и да предложи министри. За тој да ја преземе функцијата премиер, неговиот предложен кабинет мора да добие поддршка од Народното собрание на Република Српска.

Во петокот, Милорад Додик потврди дека Претседателството на СНСД веќе одлучило за кандидат за мандатар, иако тогаш не го откри неговото име. Тој изјави дека кандидатот ја ужива целосната поддршка на партијата.

Тој исто така наведе дека мандатарот ќе има слобода сам да ги избере своите министри. Според него, новата влада треба да биде помлада, професионално квалификувана и поефикасна, притоа задржувајќи одреден број искусни кадри.

Покрај Игор Додик, во изминатите денови како потенцијални кандидати се споменуваа и Зоран Стевановиќ, министер за транспорт и врски на Република Српска, како и Ана Тришиќ-Бабиќ, директорка на Канцеларијата за меѓународна соработка на Република Српска.

Се очекува новата влада да биде формирана до средината на декември. Миниќ претходно најави дека Република Српска треба да добие нова влада до средината на декември. Според уставните одредби, Народното собрание има рок од 40 дена од моментот на предлагање на мандатарот за да избере нова влада. Народното собрание на Република Српска беше конституирано на 16 ноември, по општите избори во Босна и Херцеговина одржани на 4 октомври. Ненад Стевандиќ беше реизбран за претседател на парламентот.

Партијата на Милорад Додик освои најголем број гласови во Република Српска. Со номинирањето на Игор Додик за мандатар, партијата го продолжува процесот на формирање нова влада на ниво на ентитетот по изборите.

Најнови вести од: Регион

To top